Skip to main content

16 години „Лулка”: Ниту една институција и ниту едно семејство не можат сами – заедно, можат сè

Кога времето застанува во инкубаторот, институциите му даваат ритам на новиот живот. Зад секое срце родено порано од предвиденото и зад секоја мајка што трепери во миговите кога тоа треба да опстои, потребен е сплотен систем кој пружа несебична поддршка. Секоја мајка заслужува да слушне дека нејзиното бебе ќе биде во ред, а секое бебе заслужува внимание и нега од институција што ќе му стане прва сигурна „куќа”, додека да го помине витешкиот пат до својот роден дом. „Лулка”, е токму една таква организација, која веќе 16 години е значаен столб во поддршката на трудниците, родителите и семејствата кои се соочуваат со предвремено породување, пренесувајќи важни информации, охрабрувачки зборови, совет и утеха кога е најпотребно.

Во пресрет на 17 ноември, серијалот на Лулка посветен на подигнување на јавната свест за предвременото породување и предизвиците со кои се соочуваат семејствата и медицинските тимови продолжува со трето интервју со д-р Денис Ал Кхалили, претседател на Здружението за грижа и едукација на бремени жени, мајки и деца. Во интервјуто, тој се фокусира на значењето на Светскиот ден на предвременото породување, организацијата Лулка, успесите, предизвиците и приоритетите во неонаталната нега во Македонија.

Откако Светската здравствена организација конечно го препозна предвременото породување како значаен јавно-здравствен проблем кој бара сериозен пристап, 17 ноември денес се слави како вистински празник ширум светот. Лулка го одбележува овој ден уште од самиот почеток на глобалната иницијатива – најпрво скромно, со еден текст и соопштение до јавноста, а подоцна – со поголем интензитет и повпечатливи настани со јасни активности: медиумско и присуство на претставници на државни институции, активности за родители и дечиња, организирање на донации, групи за поддршка и едукативни активности во соработка со Универзитетската Клиника за гинекологија и акушерство“, вели д-р Ал Кхалили.


Тој во интервјуто појаснува дека како дел од глобалната мрежа GFCNI, Лулка има успеано да креира стандарди кои веќе се имплементираат во многу европски земји.

Состојбата со неонатологијата во Македонија бележи огромен напредок, документиран и во извештаите на СЗО – благодарение на подобрената опрема, обучениот медицински кадар и унапредената комуникација со трудниците и родителите. Во следниот период, ние, како организација, ќе ја интензивираме соработката со Министерството за здравство, професионалните лекарски здруженија, Лекарската комора, како и со болниците, со цел да обезбедиме јасни насоки за здравствените работници и сочувствителна комуникација со семејствата на предвремено родените бебиња”, вели д-р Ал Кхалили.

Без визија за утре, ниту најдобрите резултати не можат да траат. Идните планови се како компас што не дозволува ниту една важна цел да се изгуби попат. Организацијата Лулка знае како добрите намери да ги претвори во остварливи резултати. Нејзиниот следен чекор е одвојување на трите системски насоки со кои работи и фокусирање на активностите кои ќе ги реализира во следните 3-5 години. Во однос на предвременото породување, организацијата активно ќе работи на воспоставување соработка и олеснување на комуникацијата помеѓу сите засегнати страни.

Светската здравствена организација оваа година гласно бара од сите чинители, во сите држави во светот, активно да се организираат и ангажираат за квалитетен третман и лекување на најмалите пациенти. Заедништвото не е само учтивост – тоа е предуслов за вистинска промена.