
Во Градскиот музеј Крива Паланка денеска се одржа работилница со седмоодделенци посветена на 24 Мај – Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј.
-Претстојниот Ден на просветителите се одбележа во просториите на нашата установа заедно со учениците од седмите одделенија од ООУ „Илинден“ – Крива Паланка со нивните наставници по македонски јазик и историја. Вработените во Музејот реализираа презентација и работилница посветена на просветителската мисија на светите браќа со цел проширување на знаењата на учениците за сесловенските просветители и нивното значење за денешната писменост, согледувајќи ја разликата меѓу меѓу кирилицата и глаголицата, пишувајќи ги своите имиња на глаголица, информира директорот на Градски музеј Крива Паланка Драган Величковски.
По настанот беше организирано и разгледување на постојаните поставки: етнолошка, историска и археолошка.
Градскиот музеј Крива Паланка континуирано соработува со сите локални институции, меѓу кои и училиштата. По повод Меѓународниот ден на музеите – 18 Мај се одржа работилница „Го сликаме музејот“ во која ученици од четврто одделение сликаа музејски предмети во различни сликарски техники, а најдобрите беа наградени со награди од сувенирницата на музејот.