Skip to main content

Противпожарна вежба на професионалните и доброволните пожарникари од Кочани и регионот

Со тактичко-показна вежба за каскаден дотур на вода и гасење пожар на непристапни места денеска на Пониква заврши тридневната обука за професионалните и доброволните пожарникари од Кочани и соседните општини во регионот, а на која учествуваа и претставници од ЈП Национални шуми, од Црвен Крст, како и екипи од Општата болница со проширена дејност и од Одделението за внатрешни работи од Кочани.

Низ практичниот дел од вежбата што го организираше Центарот за обука на пожарникари „Пегаз еду“ од Битола, а со поддршка од Општина Кочани,  поминаа педесетина пожарникари и вработени во институциите кои ги усовршуваа знаењата и вештините за интервенции при шумски и пожари на отворен простор.

-Целта на обуката во изминатите три дена беше дополнителнио да ги оспособиме доброволните пожарникари за нивно вклучување во интервенции при гасење шумски пожари со метод кој е многу брз, едноставен и ефикасен. Задоволни сме од подоготвеноста што ја прикажаа на завршната показна вежба, особено што за краток период стекнаа вештини на вистински професионалци, а го увежбаа користењето на опремата за дотур на вода од непристапни места за директно гаснење и опслужување хеликоптер за интервенции од воздух, истакна Костадин Поповски од Центарот за обука „Пегаз еду“.

На завршната тактичко-показна вежба присуствуваа и претставници од Владата и од државните институции, кои позитивно ја оценија подготвеноста на пожарникарите

-Се подготвуваме да одговориме на сите предизвици што ќе се појават, а новите методи што денеска беа презентирани се дел од стратегијата што ќе ја применуваме во текот на летната сезона. Понатаму ќе следи донесувањето на Закон за доброволни противпожарникари, како и на новиот Закон за пожарникарство со кој ќе се подобри статусот на секој пожарникар, а неговиот труд ќе биде соодветно вреднуван. Исто така, ќе има измени на постојните и сет нови закони со кои ќе се направи т.н. пирамида за функционирање на системот за справување со вонредни состојби, односно со кризни ситуации. Треба да се знае кој ќе биде на врвот на командувањето, а долу да има уште три пункта во кои ќе се вклучат општините, онака како што ќе биде осмислен целиот модел, истакна заменик претседателот на Владата задолжен за политички систем Љупчо Димовски.

Од Здружението на професионални пожарникари на Македонија изразија задоволство од подготвеноста на нивните колеги волонтери, кои можат да помогнат во претстојниот летен период кога има зголемен ризик од шумски пожари, а исто така вештината што ја поседуваат да се искористи за нивна професионализација и вработување во територијалните противпожарни единици.

Поврзани вести