Skip to main content

За „National Geographic“ Македонија е скриен бисер на Балканот


Во најновата туристичка анализа посветена на балканските земји, престижниот „National Geographic“ ја издвојува Македонија како идеална дестинација за љубителите на добрата храна, природата и автентичните искуства, при што особено внимание ѝ се посветува на скромниот, но извонредно богат гастрономски и културен идентитет на земјата.

„И покрај забележителните планини, езера и историски знаменитости, Македонија е пријатно ненаметлива и во голема мера не е погодена од масовниот туризам“, пишува National Geographic, наведувајќи го Охрид како една од најголемите атракции во земјата, благодарение на старите цркви, прошетките покрај езерото и возењата со брод.

Според текстот, вистинското откритие за патниците се руралните предели — особено националните паркови Маврово и Пелистер — каде може да се ужива во „опуштени возења со запирање кај селски таверни и тезги покрај пат со домашни производи“.

Посебно внимание е посветено на македонската кујна, која според магазинот е „позначајно разновидна од повеќето други кујни во западен Балкан и помалку воздржана кон зачинетото“. „Ајварот е типичен пример – овој вкусен намаз од црвени пиперки и модар патлиџан може да биде прилично лут и често се наоѓа на менито во локалните ресторани.“

Меѓу традиционалните јадења се издвојува и тавче гравче, кое магазинот го опишува како „веганско национално јадење“. Покрај тоа, на пазарите можат да се најдат „планински билки, локални медови и тврди сирења со изразен вкус“ кои се дел од утринските оброци во селските гостилници.

National Geographic препорачува да се пробаат и локалните пијалаци: „Мастика (ликер со арома на смола од дрво) и вина од Тиквешката котлина, направени од автохтони сорти како Смедеревка, Вранец и Темјаника.“

Како заклучок, магазинот ги повикува читателите да се откажат од пренатрупаните плажи и да се свртат кон автентичноста на Балканот во внатрешноста, каде, како што пишуваат, „сè уште може да се пристапи до вистинска дивина“.

Поврзани вести