
32. издание на Моден викенд почнува од денеска, 27 март и ќе трае до 29 март, а домаќин на пролетното издание е „Дајмонд мол“ во Скопје.
Со поддршка на УНИБанка како генерален партнер, ова издание ја нагласува модата како економска и културна сила, индустрија што создава вредности, ја поттикнува дигиталната трансформација и ја нормализира одржливоста како дел од новата деловна етика.
Програмата започнува со презентација и ревијален приказ на три кинески модни и накит дизајнери, со поддршка на Амбасадата на Народна Република Кина во Македонија.
Во рамки на Erasmus+ иницијативата Green DigiFashTech Manager – двегодишен европски проект финансиран од Европската Унија и поддржан од Green Land Group, Македонското Модно Здружение и FWSK ја претставуваат изложбата „3D & AI во модата“. Изложбата и придружните дебати ги мапираат регионалните практики на пресекот помеѓу модата, 3D технологијата и вештачката интелигенција, со фокус на новата генерација дигитални креативци. Во програмата се вклучени дела и проекти на Никола Ефтимов, Ангела Доневска, Емилија Славкова, Александра Филипова и BlackBello, Цветанка Гаревска Јаневска, Lirka и Bastet Noir.
Посебна димензија на проектот носи традиционалната соработка со Академијата за графички дизајн при Семос Едукација. Седумнаесет студенти и алумни, под менторство на Бојан Буџаровски и Ерина Богоева, развија повеќе од 33 креативни решенија за насловната тема на FWSK32, користејќи AI и дигитални алатки. Официјалната насловна визуелизација за оваа сезона е дело на Едита Зекировиќ. Сите дела ќе бидат претставени во рамки на курирана фото-изложба за време на FWSK32, како доказ дека иднината на визуелниот јазик е веќе присутна.
Оваа сезона Моден викенд Скопје го претставува и меѓународниот проект „Зелена и одржлива мода: Нордиско-балтичката приказна“. Во март Македонија е домаќин на дизајнерска резиденција што ќе обедини десет дизајнери од нордиско-балтичкиот регион и Македонија. Резиденцијата ќе резултира со капсулна колекција и уметнички објекти што ќе бидат претставени во рамки на Моден Викенд Скопје.
Проектот е организиран од Амбасадата на Шведска во Македонија, во партнерство со Канцеларијата на Амбасадата на Литванија, Амбасадите на Данска, Финска и Норвешка во Србија и Македонското модно здружение, со поддршка од Нордискиот совет на министри.
Во рамките на своите проектни активности, Ротари клубот Скопје Центар го овозможи електронското издание на книгата „Облеката и модата, од историјата до денес” од Зорка Тодорова- Младеновиќ.
Во ревијалната програма учестуваат: Роберт Ивановски со колекција “Origo“ Terziya со „Вртлог“, студентската ревија на Европскиот универзитет; GEORGIYA со „Season IV“; студентската ревија од насоката за моден дизајн на Факултетот за уметност и дизајн при Меѓународниот Балкански Универзитет; Марија Станојовска со „Dissonance“; Маригона Рахмани со „Marah Garden“; како и Интернационалниот институт за мода „Изет Цури“, претставен преку студентите Рејхана Винца, Мирадије Селими и Дорунтина Каштанјева. Кулминацијата на програмата ја носи ревијата на Олгица Ѓоргиева.

Македонски



