
На 26 септември (сабота), Камениот мост ќе стане сцена на мода, музика и спектакл, во вечерта со која познатото модно студио Кокев одбележува две децении од своето постоење.
По повод јубилејот, Кокев подготвува сосема нова колекција и ексклузивна ревија на една од најпрепознатливите локации во Скопје. Модата, архитектурата, музиката и сценскиот перформанс ќе се спојат во уникатна вечер на црвен тепих.

Вечерта започнува со Red carpet & Welcome drink во 20:30 часот, додека ревијата ќе започне во 21 часот, на самиот Камен мост.
Колекцијата е инспирирана од три моќни и раскошни суштества – лебедот, паунот и рисот, како симболи на убавина, велелепност и моќ. Тие се и своевидна референца кон препознатливата естетика на Кокев – доследност, издржливост и верност кон сопствениот визуелен потпис.

Инспирацијата доаѓа и од стариот Камен мост, вечниот симбол на Скопје. Неговата архитектура и историја стануваат составен дел од концептот на ревијата, создавајќи врска меѓу современата мода и духот на градот.
Честа да го отвори настанот ќе ја има актерот Никола Ристановски, додека музичкиот дел за време на ревијата ќе го предводи диџеј Соња Исмаил.

Македонски


