Со учество на над 70 домашни и странски винарии, кои ќе се претстават со повеќе од 500 вински етикети, но и со седум специјализирани работиници, преку кои посетителите ќе може да се запознаат со одредени апсекти од целокупниот производствен процес на доброто вино и неговиот равој, осмото издание на Скопскиот вински салон Винодонија 2024, ќе биде местото да се биде таму за секого кој барем малку се смета себеси за љубител на „нектарот на боговите“.
Една од најнесекодневните случувања на Винодонија ќе биде работилницата на која ќе се отвори прашањето за односот помеѓу виното и кардиоваскуларното здравје, а свое излагање ќе има кардиологот д-р Емилија Лазарова од Универзитетска клиника за кардиологија. Таа ќе ги запознае посетителите со некои помалку познати факти за влијанието на умереното консумирање вино врз срцето и неговата комплексна структура и функција, разбивајќи одредени митови кои сме ги негувале досега.
Винскиот салон ќе понуди и своевидно патување и запознавање на винска Унгарија, но и новоформираните вински сорти во Србија. Тука ќе биде и вертикалната дегустација на „Merlot Single Vineyard“ на винарија Камник, а ќе се најде мето и за вкусувачка посета на долината на винската среќа дегустирајќи вина од северна Рона, Франција. Директорот на Винодонија, сомелиерот Александар Вучковски, ќе поведе прошетка во светот на винските меурчиња, а заедно со проф. д-р Климе Белески од Земјоделскиот факултет ќе изврат запознавање со Ризлингот – сорта за префинети и долговечни вина.
Сепак, главниот дел од случувањето е дегустацијата на стотиците вина коишто ќе бидат презентирани во Салонот, како и познавање со луѓето што стоат зад процесот на достигнување на винското крешендо преточен во секое шише вино што ќе се најде на Винодонија.
Приказната за виното е стара колку и самиот живот. Во денешно време, се чини, виното достигна планетарна популарност. Постои ли некој винољубец кој не се радува на тоа?
Одењето на дегустација на вино за првпат, вторпат или дури и по стоти пат е секогаш одлична можност да научите уште нешто ново за магичниот свет на виното.
На пример, можете да почнете како консумент кој сака да ги разликува основните видови вино и да научи некои основни информации. Но потоа веќе не ви е доволно да ги знаете „само основите“. Полека навлегувате во бербите, па во составот на секоја етикета, па ве интересира и историјата на самата винарија или производителот. Чекор по чекор и добредојдовте! Станувате винољубец! Личност која е вистински вљубена во темата вино. Личност која знае да ужива во вкусот на виното, личност која аромите на Розето ја потсетуваат на некоја морска вечер, а Каберне Совињонот на првиот снег.
А кога и каде имате подобра можност да вкусите толку многу нови сорти или етикети вино? Никаде, освен на еден настан од ваков тип каков што е Винодонија!
И ако првата асоцијација на самото спомнување на зборот вински салон ви е гужвата, апсолутно сте во право – салонот е обично преполн. Но, токму тоа е неговиот шарм. Замислете само – орда љубители на вино на едно место. Токму тоа е Винодонија.
А во меѓувреме, заборавете на се што некој ви кажал или што некогаш сте прочитале за виното! Отворете ги вашиот ум и сетилата и оставете Винодонија да ви помогне да го искристализирате својот вкус за вино, велат органиаторите.
Осмото издание на Винодонија ќе се одржи на 13. и 14. декември во хотелот Мериот,, каде што ќе се одржат едукативните работилници. Работното време на салонот во двата дена од одржувањето на салонот ќе биде од 15 до 21 часот. Картите се во ограничен број, а можете да ги купите онлајн (https://vinodonia.mk/) по цена од 1.000 денари за секој ден посебно, или на самиот влез пред почетокот на настанот, по цена од 1.200 денари.
Освен едукативните работилници и извонредниот избор на вина, Винодонија 2024 и оваа година ќе има специјален гастрономски дел, кој ќе го заокружи винското уживање.