
Уни банка е ставена на продажба. Штаермеркише Шпаркасе Групацијата денеска официјално поднесе Известување за намера за преземање на сите запишани обични акции издадени од Уни Банка АД Скопје. Објавувањето на намерата за преземање, како што велат од банката, претставува прв, иницијален чекор во процесот.
Самата реализација на трансакцијата и понудата за преземање во претстојниот период подлежат на законски и регулаторни процедури, кои вклучуваат задолжително прибавување на претходни согласности и одобренија од надлежните институции во Република Македонија како и од соодветните меѓународни регулаторни тела. Во тој контекст, како што посочуваат, Штаермеркише Шпаркасе Групацијата останува целосно посветена на успешно, транспарентно и одговорно спроведување на сите наредни чекори во согласност со важечките прописи и највисоките професионални стандарди.
Како една од водечките банкарски групации во Европа, имаме силна доверба во македонскиот банкарски сектор и неговиот долгорочен потенцијал за раст. Оваа објава ја потврдува нашата континуирана посветеност на пазарот и нашата стратегија за одржлив раст. Со овој чекор имаме цел дополнително да го зајакнеме нашето присуство во Македонија и да ја унапредиме нашата улога како доверлив, стабилен и долгорочен партнер на граѓаните, деловната заедница и економијата во целина- изјави Георг Бухер, Претседател на УО на Штаермеркише Шпаркасе и Претседател на Надзорниот Одбор на Шпаркасе Банка АД Скопје.
Лошото раководење со години од менаџментот на Уни банка, ја донесе банката до дно, кое резултира со нејзина продажба. Владислав Хаџидинев, 8 години раководеше со банката, за да пред една година, во јуни 2025 замине од банката, оставајќи ја банката во очајна состојба. Нешто повеќе од една година од неговото заминување од банката, таа се продава.

За пропаѓање на банката голема е вината и на Милка Тодорова, Претседател на Управниот одбор, но и на Делчо Крстев кој по разрешувањето на Тодорова и заминувањето на Хаџидинев, беше избран за Претседател на Управниот одбор на Уни банка.


Ова претходно раководство на Уни банка, ја доведе банкта во очајна состојба, која во прашање го доведе опстанкот на бнаката, но и работните места на вработените во банката. Сега тие очајни се прашуваат што ќе се случува со нивните работни места, бидејќи нивната егзистенција е сериозно загрозена..
Инаку Штаермеркише Шпаркасе е застапена во Македонија од 2008, со сегашна вкупна актива од скоро две милијарди евра во земјата. По преземањето на Уни Банка, Штаермеркише Шпаркасе ќе располага со вкупна актива од околу 2,8 милијарди евра во Македонија и пазарен удел од приближно 17 проценти.

Македонски


