
Научници од Универзитетот во Кембриџ тврдат дека откриле докази за живот на планета оддалечена 124 светлосни години од Земјата.
Станува збор за егзопланетата „K2-18 б“, во чија атмосфера се откриени диметил сулфид и диметил дисулфид. На Земјата овие хемиски соединенија ги произведуваат само живите организми, а на гореспоменатата планета нивната концентрација е значително поголема отколку на Земјата.
„K2-18 б“ е егзопланета 8,5 пати помасивна од Земјата и 2,5 пати поголема во дијаметар. Орбитира околу црвено џуџеста ѕвезда во соѕвездието Лав. Иако ѕвездата е поладна и помрачна од Сонцето, планетата се наоѓа во зоната погодна за живеење, каде што може да постои течна вода.
Научниците сугерираат дека „К2-18 б“ би можела да биде планета покриена во океан со водородна атмосфера. Доколку се потврди хипотезата, тоа би значело дека нејзините води би можеле да бидат дом на микроорганизми слични на оние на Земјата.
Во моментов, веројатноста за грешка е 0,3%, така што научниците планираат да спроведат уште 2-3 серии на набљудувања за да ја исклучат случајноста.