
Новата книга „Пробив кон глобална алијанса: Непознатите познати на НАТО“ од Лазар Еленовски излезе од печат во издание на „Арс Ламина“.
Светот стои на раскрсница – и НАТО исто така. Во книгата „Пробив кон глобалната алијанса“, Еленовски праќа силно предупредување: без смела трансформација, најуспешната безбедносна Алијанса во модерната историја ризикува да стане реликвија од минатото.
Црпејќи од своето повеќедецениско искуство во дипломатијата, безбедноста и меѓународните односи, авторот ги истражува успесите на НАТО, внатрешните контрадикции и занемарените предизвици – непознатите познати – кои се закануваат на неговата релевантност. Со новите закани, кои произлегуваат од рапидниот развој на технолошкиот свет и растечките геополитички ривалства, во прашање е доведен опстанокот на демократскиот поредок. Па оттаму, во книгата, со итност и јасност се разработуваат натамошните активности кои НАТО треба да ги преземе како глобална сила за да може да придонесе на човештвото низ бурните непознати на 21 век.
„Западот е на историска пресвртница. Пред него е тешка задача за која не е јасно дали е доволно свесен – изградбата на нова безбедносна архитектура, во свет кој се трансформира со невидена брзина. Брзината на промените бара вложување во иднината уште денес, бидејќи таа доаѓа побрзо од кога било. Затоа глобалното НАТО е нешто што треба да дојде што поскоро. Мудроста е да дојде кога најмногу ќе може да се валоризира, а не кога ќе биде доцна. За тоа глобално лидерство да се реализира, главните предизвици, повторно парадоксално, не се стратешката конкуренција или технолошките промени, туку трката со самиот себе и со историјата “, вели авторот во книгата.
Во годината на два битни лични јубилеи, 75 години од формирањето на НАТО и 30 години од атлантскиот пат на Еленовски, оваа книга претставува негов придонес кон непознатата иднина на атлантската идеја и организација.
Лазар Еленовски има посветено многу години на одбраната, дипломатијата, политиката и граѓанскиот ангажман, играјќи значајна улога во унапредувањето на реформите во безбедносниот и одбранбениот сектор на Македонија, како и во поттикнувањето на регионалната соработка и интеграција. Тој поседува значително искуство во меѓународни односи и безбедност, особено во контекст на евроатлантската интеграција и други стратешки прашања поврзани со НАТО, европската безбедност, новите безбедносни предизвици и пошироките геополитички динамики.
Тој е еден од пионерите на атлантизмот во Македонија од средината на 1990-тите години и беше лидер на националното атлантско движење во текот на 2000-тите. Исто така, тој беше потпретседател на меѓународната атлантска асоцијација од 2011 до 2014 година. Еленовски беше министер за одбрана од 2006 до 2008 година, а амбасадор на Македонија во Белгија и Луксембург од 2012 до 2016 година. Во периодот, од 2018 до 2020 година, тој беше специјален претставник на Владата на Македонија при НАТО.