Skip to main content

Јован и Лилјана се зетот и невестата за Галичка свадба 2025

Фејсбук профил на МЗ Галичник / Младенци Галичка свадба 2025

Јован Филипоски и Лилјана Михајлоска se овогодинешните зет и невеста за Галичката свадба 2025. Јован, потомок на галичкото семејство Филипоски, уште како дете чекорел низ Галичник облечен во носија, сонувајќи еден ден да ја води свадбата. Од најрана возраст активно учествува во сите обичаи.

Во срцето на Галичник, под сенката на Бистра, секое лето љубовта добива посебна форма. Зетот и невестата не се само млад пар – тие се симболот на вековната традиција, на непрекинатото предание што низ генерации се пренесува со чест и гордост.

Тие чекорат низ Галичник не само како двајца вљубени, туку како чувари на обичајот. Секое движење, секој поглед, секоја песна – сè е длабоко вкоренето во духот на Галичник.

Манукот ја носи гордоста на предците, додека мануката со раскошната носија ја раскажува приказната за момичките од овие планински височини – достоинствени, вредни, горди и полни со љубов. Заедно, тие не се само пар – тие се огледало на Галичник.

Во нивниот поглед се препознаваат љубовта и ветувањето дека традицијата ќе продолжи. И токму затоа, секој што ќе ги види, не гледа само свадба – туку гледа историја што живее. Да се ќердосает, од небо да им врне од земја да им никне, соопштија организаторите на Галичка Свадба 2025.