
На 9, 10 и 11 мај, по петти пат ќе се случи најголемата годишна национална акција за собирање отпад, Генералка викенд, волонтерска акција од граѓаните за граѓаните), создадена од Мен енд Маунтен, заедно со главниот стратешки партнер Пивара Скопје и официјалните партнери: Пакомак, Нула Отпад, Шпаркасе банка, ЕВН Македонија, Макстил, Бучим Боров Дол, Саубермахер и Костал.
Акцијата е поддржана и од ЗЕЛС, Црвен крст и Министерство за животна средина. Над 20.000 волонтери ќе ја чистат нашата татковина на повеќе од 500 локации во сите општини низ земјава, вклучувајќи над 600 организации, институции и компании, еколошки, граѓански, спортски здруженија, пензионерски организации, јавни институции, локални и урбани заедници, градинки, училишта, факултети, волонтери и национални паркови.
Официјалното отворање на тридневна национална акција за чистење отпад – ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД ќе се случи на 9 мај на Скопскиот Аквадукт со почеток во 9 часот. Повеќе од 200 волонтери ќе ја исчистат околината на овој исклучително важен историски споменик.

На Скопскиот аквадукт се очекува да бидат присутни и: вицепремиерот и министер за животна средина Изет Меџити, министерката за образование и наука Весна Јаневска, претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, Директорката на секторот за корпоративни политики и одржливост на Пивара Скопје, Снежана Савиќ Димовска, австрискиот амбасадор г-дин Мартин Памер, Градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу, Секретарот на Црвен Крст, Сузана Тунева Пауновска, како и членови на амбасадите присутни во земјава, волонтери и повеќе јавни личности.
Во пресрет на еко акцијата со видео порака се огласи и Претседателката на Р.Македонија, Гордана Силјановска Давкова, која апелира до граѓаните да се вклучат:
Го раскинавме пријателството со планетата, ги игнорираме нервозните предупредувања на природата и не сакаме да се соочиме со тешката еколошка криза. Постојано зборуваме за зелени политики, а живееме во сиво црна реалност на убиствен воздух, загадени езера и реки, опустошени шуми и контаминирана почва. Природата не може да биде жртва на профитната агресија. Крајно време е да трчаме маратон кон поздрава животна средина и да склучиме примирје со природата. Доколку сакаме здрава иднина треба сите на 9, 10 и 11 мај да се обединиме во најголемата еколошка акција ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД, како доказ за национална одговорност и еколошка будност. Грижата ветува цврсти промени и верувам дека годинава ќе покажеме уште поголема еколошка зрелост доколку се вклучат повеќе волонтери за чиста и здрава животна средина“, вели Силјановска Давкова.
Со поддршка на Министерството за образование и наука и УНИЦЕФ, за првпат, ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД ќе биде вклучена и во едукативниот проект „Еко час“.
Учениците од сите училишта ширум земјава ќе добијат за домашна задача на 9 мај заедно со наставниците и професорите да ги исчистат училиштата, на 10 мај учениците заедно со нивните семејства ќе ги чистат домовите и просторот околу нивните живеалишта, а на 11 мај учениците заедно со семејствата ќе ги чистат парковите и пикник местата во нивното опкружување. Нивна задача е да го фото-документираат чистењето и на првиот школски час да ги презентираат резултатите.
Врз основа на меморандумот во траење од 10 години, кој Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство и Национални шуми го склучија со Мен енд Маунтен, секоја година по завршувањето на еко акција ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД, во ноември се случува вториот дел од акцијата наречена СОНЧЕВА ГОРА, што подразбира пошумување на државно земјиште.

На секои 10 килограми собран отпад се посветува по едно дрво од годишните планови за пошумување. Во рамките на овие пошумувања во изминативе години беа засадени над 120.000 садници на различни локации: околу езерото Младост во Велес, селото Ќојлија во општина Петровец, во близина на мегалитската опсерваторија Кокино и во општина Старо Нагоричане.
Во изминативе четири години беа собрани 1 милион килограми отпад за време на ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД, досега земаа учество над 44.000 волонтери, исчистени беа повеќе од 1000 локации и беа засадени над 120.000 дрвја.
Овој единствен масовен еколошки настан, не само во земјава, туку и на целиот Западен Балкан, испраќа моќна и алармантна порака дека загадувањето стана најголемиот непријател за граѓаните. Идејата на ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД е да се покрене еко свеста помеѓу граѓаните и со здружени сили да се степенува важноста за позитивни промени кон почиста животна средина.