Skip to main content

ЕК објави конкурс за организатор на Европскиот фестивал за слобода на медиумите 

Европската комисијата денеска објави јавен повик за избор на организатор на третото издание на Европски фестивал на новинарство и слобода на медиумите, чија цел е зајакнување на дијалогот, соработката и партнерството меѓу новинарите, медиумите, граѓанските организации и медиумските професионалци во ЕУ.

Во рамки на Фестивалот, за чија организација годинава е предвиден буџет од три милиони евра, ќе се одржат дебати поврзани со законодавството за слободата на медиумите, дезинформациите, безбедноста на новинарите и економските предизвици во новинарството.

Тој, исто така, ќе помогне да се подигне свеста за клучната и тешка работа на новинарите, како и за заканите по слободата на медиумите во ЕУ. Фестивалот ќе понуди можност за размена на мислења за ефектите на европското законодавство врз слободата на медиумите, соопшти Европската комисија.

Комисијата, при тоа, ги повикува заинтересираните медиуми, невладини организации, издавачи, универзитети и истражувачки центри да ги достават свои понуди на повикот, за што краен рок е 1 мај 2025 година.

Фестивалот треба да придонесе за постигнување на целите утврдени во насоките за политиките на Комисијата за периодот 2024-2029 година.