
Компанијата „Сиркл“ (Circle), издавач на стејблкоинот УСДЦ (крипто валута со фиксен курс поврзан со американскиот долар), најави отварање на глобална мрежа за исплати и трансгранични трансакции, која би била можен конкурент на гигантите „Виза“ и „Мастеркард“.
Свеченото отварање на мрежата е закажано за 22 април во седиштето на компанијата во Њујорк, каде што извршниот директор Џереми Алер ќе го претстави визионерскиот план за плаќања со стејблкоини.
Според изданието „Коиндеск“, пазарот на стејблкоини забележува брз раст, особено по изборот на Доналд Трамп. Новата регулатива од Белата куќа охрабрува развој на легални дигитални токени, што се обезбедени со американскиот долар. „Сиркл“ и „Тетер“ (Tether) остануваат водечки издавачи на УСДЦ и УСДТ, чии пазарни капитализации изнесуваат 60 и 144 милијарди долари.
„Сиркл“, која првично се фокусираше на онлајн плаќања со биткоин, сега се враќа на платежниот бизнис преку мрежа насочена на банки, финтек-фирми и сервиси за парични услуги. Според изворите, новата мрежа првично ќе се користи за трансфери, но долгорочната цел е да конкурира на најголемите платежни системи.
Во меѓувреме, во ЕУ изразија загриженост за можната доминација на доларските стејблкоини, што може да предизвикаат одлив на капитал од традиционалниот банкарски систем.