Тимот на новоизбраниот американски претедтел, Доналд Трамп, подготвува чистка во Стејт департментот и веќе бара оставки од тројца високи американски дипломати, пренесува „Ројтерс“.
Агенцијата, повикувајќи се на извори, пишува дека помошниците на Трамп предложиле тројца високи дипломати од кариера во американскиот Стејт департмент да поднесат оставки. Според информации од Тимот за надзор на транзицијата на Стејт департментот, тоа се: Дерек Хоган, Марсија Берникат и Ален Теплиц.
Додека политичките именувани функционери вообичаено поднесуваат оставки кога новиот претседател ќе ја преземе функцијата, повеќето службеници на Службата за надворешни работи продолжуваат да служат од една администрација до друга. Сите тројца споменати функционери служеле со години и во демократската и во републиканската администрација.
Сепак, Трамп, кој ќе биде инаугуриран на 20 јануари, за време на неговата претседателска кампања вети дека ќе ја „исчисти длабоката држава“ со отпуштање на бирократите што тој ги смета за нелојални.
Кога бил прашан за коментар за ситуацијата, претставник на транзицискиот тим на Трамп не ја негирал таквата политика.
Соодветно е транзицијата да бара службеници кои ја делат визијата на претседателот Трамп за ставање на нашата земја и американските работници на прво место. Има многу грешки што треба да ги исправиме и за тоа е потребен посветен тим фокусиран на истите цели“, изјавил иворот.
Освен овие тројца дипломати, Трамп подготвува голема чистка на целиот владин апарат, што може да погоди до 50.000 функционери.