Skip to main content

Трамп: Договорот со Иран не го вклучува Либан, тоа е одвоен конфликт

Американскиот претседател Доналд Трамп за телевизијата Пи-Би-Ес изјави дека договорот за прекин на огнот меѓу САД и Иран не се однесува на израелските воени операции во Либан. Поради Хезболах, Либан „не е вклучен во договорот“, рече Трамп, нагласувајќи дека тоа е „одвоен конфликт“.

Во меѓувреме, Израел денеска изврши најжестоки бомбардирања врз Либан од почетокот на војната. Според Министерството за здравство, загинале 112 лица, а 722 се ранети. Силна експлозија разниша станбена зграда во бејрутскиот кварт „Талет ал Хајат“, а израелските сили потврдија дека цел бил висок лидер на Хезболах.

Наспроти изјавата на Трамп, претседателот на либанскиот парламент, Набих Бери, изјави дека договорот за прекин на огнот ги опфаќа и судирите во Либан. Тој го обвини Израел за кршење на договореното примирие и побара од Пакистан, како клучен посредник, да изврши притисок врз Вашингтон.

Либанскиот премиер Наваф Салам порача дека само либанската држава може да преговара за земјата и дека тие мобилизираат напори за излез од кризата во која биле вовлечени против своја волја.

Поврзани вести