Skip to main content

Спречен терористички напад на Божиќен пазар во Германија

Германската полиција спречила потенцијален терористички напад на божиќниот пазар во Баварија, откако добила дојава од странска разузнавачка агенција за активностите на еден осомничен маж на интернет.

Според германски Велт, осомничениот, 37-годишен од Ирак, бил уапсен во средата вечерта во сместување за баратели на азил во градот Аугсбург.

Портпаролот на баварската полиција денеска го потврди апсењето, пренесува Политико.

Велт додава, повикувајќи се на неименувани извори, дека осомничениот споделувал објави на социјалните мрежи во кои ја велича таканаречената Исламска држава и го фотографирал божиќниот пазар во Аугсбург.

Тој, наводно, рекол дека сака да помине со автомобил низ божиќниот пазар, се наведува во извештајот.

Германските власти биле информирани од странска разузнавачка агенција за активностите на осомничениот на Интернет.

По апсењето тој е задржан во притвор каде чека депортација.

Во 2016 година беше извршен терористички напад на божиќниот пазар во Берлин, кога човек кој се заколна на верност на Исламската држава влета со камион во толпата и уби 13 луѓе.

Во 2018 година, екстремисти поврзани со Исламската држава извршија напад на божиќниот пазар во Стразбур, кога беа убиени пет лица.

Поврзани вести