Skip to main content

Шахр-е-Нав под удар: смртоносна експлозија во еден од побезбедните делови на Кабул

Најмалку седум лица загинаа, а десетина се повредени во експлозија што денеска се случи во центарот на Кабул, соопшти италијанската невладина медицинска организација „Emergency“.

Според организацијата, во нивниот хируршки центар во авганистанската престолнина биле примени 20 лица по експлозијата, од кои седум биле донесени без знаци на живот, пренесува агенцијата АП. Меѓу повредените има четири жени и едно дете, изјави директорот на „Emergency“ во Авганистан, Дејан Паниќ.

Авганистанската полиција информира дека експлозијата се случила во хотел во областа Шахр-е-Нав, кварт во кој претежно престојуваат странци и кој важи за еден од побезбедните делови на Кабул. Засега не е позната причината за експлозијата.

Кинеската државна телевизија CCTV објави дека двајца кинески државјани се тешко повредени, додека еден припадник на обезбедувањето загинал. Според нивните информации, експлозијата се случила во ресторан.

Полицијата претходно во текот на денот потврди дека има жртви во експлозија во Шахр-е-Нав, но без да соопшти дополнителни детали.

Поврзани вести