
САД се обидуваат да запленат танкер поврзан со Венецуела по повеќедневна потера преку Атлантикот, велат за британски медиуми двајца американски функционери.
Според британските медиуми, со евентуално запленување, може да се разгорат тензиите на САД со Русија и тоа се случува откако танкерот, првично познат како Бела-1, помина низ американската поморска „блокада“ на танкери под санкции и ги одби обидите на американската крајбрежна стража да се качи на него. Функционерите, кои зборуваат под услов на анонимност, велат дека операцијата ја спроведуваат крајбрежната стража и американската војска.
Тие додаваат дека руски воени бродови биле во областа кога се одвивала операцијата, вклучувајќи и руска подморница.
Танкерот, сега познат како Маринера и регистриран под руско знаме, е најновиот танкер што е цел на американската крајбрежна стража од почетокот на кампањата за притисок на американскиот претседател Доналд Трамп врз Венецуела.
Танкерот го промени своето име од Бела 1 во Маринера и го крена руското знаме, според податоците од фирмата за анализа на поморскиот сообраќај „Виндвард“.
Руското Министерство за надворешни работи објави дека бродот се наоѓа во меѓународни води и дека работи во согласност со меѓународното поморско право. Министерството соопшти дека бродот, првично познат како Бела 1, пловел под руско знаме и ги повика западните земји – вклучувајќи ги и САД – да го почитуваат неговото право на слобода на пловидба.
Одделно, американската крајбрежна стража, исто така, пресретна уште еден танкер поврзан со Венецуела во јужноамериканските води, соопштија американски функционери, додека САД продолжуваат да спроведуваат поморска „блокада“ на санкционирани бродови од Венецуела.

Македонски




