
Најмалку 37 луѓе загинаа, а 42 се повредени во синоќешниот руски напад врз округот Буча во Киевската област, изјави шефот на регионалната воена управа Тимур Ткаченко.
Руски дрон синоќа околу 20 часот погодил складиште за муниција во селото Мили, пет километри западно од Киев. Нападот предизвикал пожар на објектот, а потоа уследиле детонации на складираните материјали. Огнот се проширил и на околните станбени згради.
Спасувачките служби утрово продолжија да ги гаснат пожарите, да го отстрануваат урнатините и да трагаат по преживеаните.

Во нападот и детонациите оштетени се најмалку 50 станбени згради, а евакуирани се 281 луѓе од кои 59 деца.
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски и премиерот Сергеј Коретски побараа одговорност од лицата кои дозволиле складиште на оружје на таква локација.
Украинското државно обвинителство почна истрага не само за рускиот напад, туку и за евентуална небрежност поврзана со складирањето на експлозивни предмети и материјали. Истражителите ќе проверат дали експлозивните материјали биле законски поставени и складирани во просториите на компанијата, дали ги имале потребните дозволи и кој од службените лица донел одлуки за нивното складирање.
Коретски инцидентот го оцени како „кривична небрежност“ и побара строга казна за одговорните.
– Постојат правила: муницијата не треба да се складира во близина на куќи или други станбени згради. Секако ќе има соодветни заклучоци, наведе Зеленски.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека во Киевската област пооден е логистички центар, каде биле складирани компоненти за украински балистички ракети.

Македонски


