
Рускиот претседател Владимир Путин традиционално присуствуваше на божиќната литургија, која годинава се одржа во црквата „Свети Ѓорѓи“ во близина на Москва. По повод големиот христијански празник, тој упати пораки за единство, милосрдие и поддршка на вооружените сили на Русија.
Путин на литургијата се појави во темно одело без вратоврска, а беше фотографиран како стои меѓу униформирани војници, кои на богослужбата дојдоа заедно со своите сопруги и деца.
Во своето обраќање по службата, рускиот претседател ја истакна, како што рече, „светата мисија“ на руските војници да ја бранат татковината.
Воините на Русија отсекогаш, според Божјата наредба, ја извршувале оваа мисија за одбрана на Татковината и нејзиниот народ“, изјави Путин, додавајќи дека руското општество низ историјата ги гледало своите војници токму како бранители со посебна духовна улога.
Божиќната честитка на Путин претходно беше објавена и на официјалната веб-страница на Кремљ, каде тој им го честиташе Христовото раѓање на граѓаните.
Во честитката, Путин посебно ја нагласи улогата на Руската православна црква и другите христијански деноминации во, како што наведе, обединувањето на руското општество, зачувувањето на историското и културното наследство, како и во духовното и моралното воспитување на младите.
Тој истакна и дека религиозните организации активно учествуваат во хуманитарни активности, пружаат поддршка на семејствата на војниците, како и на ветераните, оценувајќи дека нивната работа заслужува најискрено признание.

Македонски




