
Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска изјави дека за Унгарија е од егзистенцијален интерес мировниот самит во Будимпешта меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин да биде успешен, бидејќи унгарската економија конечно ќе може да здивне и да се врати на растот од пред руско-украинската војна.
Од моментот кога беше објавен мировниот самит во Будимпешта, единственото прашање што го поставуваат левичарски ориентираните аналитичари и политичари, обидувајќи се да најдат мана, е дека е убаво што Трамп и Путин ќе се сретнат во Будимпешта, но како тоа ќе направи лебот да биде поевтин, напиша Орбан на Фејсбук.
Тој наведе дека во првите три години од руско-украинската војна, Унгарија загубила 9,1 милијарди форинти (23,3 милиони евра), односно повеќе од два милиони форинти по семејство.
Ако успееме да ја завршиме војната, сето ова ќе престане. Унгарската економија конечно ќе може да здивне со олеснување и ќе можеме да се вратиме на растот од пред војната. Сите ќе заработуваат повеќе, па дури и лебот ќе биде поевтин. Затоа, од егзистенцијален интерес на Унгарија е мировниот самит во Будимпешта да биде успешен. Да направиме сè што можеме за тоа!, напиша Орбан.