
Додека европските лидери се собраа во Брисел во обид да покажат непоколеблива поддршка за Украина, Илон Маск испрати нова провокација кон украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Украина мора да одржи избори. Зеленски убедливо ќе ги изгуби, напиша Маск на својата платформа Х.
Провокацијата на Маск доаѓа откако Политико денеска објави дека блиски соработници на Трамп одржувале тајни средби со политичките опоненти на Зеленски, опипувајќи ја ситуацијата дали Украина може да одржи брзи претседателски избори.
Но, анкетите покажуваат дијаметрално различна слика од тврдењата на милијардерот. Најновите истражувања на јавното мислење покажуваат дека Зеленски убедливо би победил доколку сега би се распишале претседателски избори во Украина.
34,2 проценти од Украинците би гласале за сегашниот претседател, додека најблискиот можен противкандидат, поранешниот шеф на Генералштабот на Украинската армија а сегашен амбасадор во Велика Британија, Валери Залужни има речиси двојно помала поддршка со 17,9 проценти.
Поранешниот претседател и еден од опозиционерите со кои луѓето на Трамп се сретнале, Петро Порошенко има само 8,2 проценти поддршка. Ништо подобри не се ниту останатите соговорници на Американците, Јулија Тимошенко со 5,3 и поранешниот сопартиец на Зеленски, Дмитро Разумков со 5 проценти.