
Илон Маск тврди дека не зема дрога. Ваквото тврдење го објави на социјалната мрежа Х, еден ден откако Њујорк Тајмс објави дека поранешниот помошник на Доналд Трамп во кампањата земал значителни количини кетамин, екстази и халуциногени печурки за време на изборната кампања.
„Да бидам јасен, НЕ земам дрога! Њујорк Тајмс лаже. Пред неколку години користев кетамин на рецепт и објавив за тоа на X, така што ова не е ништо ново. Оттогаш не сум го земал“, напиша најбогатиот човек во светот.
Маск претходно јавно изјави дека користи мали дози кетамин за борба против депресивните тенденции и дека тоа му помага да работи поефикасно.
Њујорк Тајмс ја базираше својата приказна на приватни пораки и интервјуа со повеќе од 10 луѓе кои го познаваат Маск или работеле со него.
„Волстрит џурнал“ минатата година објави дека Маск повремено користел дроги во минатото. Некои членови на одборот на „Тесла“, неговата компанија за електрични возила, беа загрижени за неговата употреба на дроги, вклучително и „Амбиен“ за лекување на нарушувања на спиењето.
Маск поднесе оставка од американската администрација во петокот, каде што беше задолжен за намалување на федералните трошоци. Тој рече дека го прави тоа затоа што ги запоставил своите компании.