Skip to main content

Кој е новиот папа: Има 70 години, дипломи по математика и Папски колеџ

) – Кардиналот Роберт Франсис Превост, 69-годишен Американец од Чикаго, е избран за нов папа и го одбра името Лав XIV, објави официјалниот портал на Ватикан, „Ватикан њуз“. Тој е првиот Американец на чело на Римокатоличката црква.

Францускиот кардинал Доминик Мамберти, протоѓакон на конклавата, се појави на балконот на базиликата „Свети Петар“ и пред околу 45.000 собрани верници на истоимениот плоштад го објави изборот со традиционалните зборови „Habemus Papam“ („Имаме папа“). Околу 70 минути подоцна, папата Лав XIV излезе на балконот и ги поздрави верниците со зборовите: „Мир на сите вас“.

Бел чад од оџакот на Сикстинската капела се издигна во 18:07 часот по локално време, означувајќи го изборот на 267-миот папа. Новиот поглавар, кој ја поминал поголемиот дел од кариерата како мисионер во Перу, станал кардинал во 2023 година. Од 2015 до 2023 година бил епископ на Чиклајо, а во 2023 година папата Франциск го назначил за префект на Дикастеријата за епископи, влијателна позиција поврзана со изборот на епископи ширум светот.

Познат по својот тивок стил и поддршката за реформите на Франциск, Превост се залага за социјална правда, еднаквост и поголема отвореност на Црквата. „Нашата работа е да го прошириме шаторот и да покажеме дека сите се добредојдени во Црквата“, изјави тој во 2023 година.

Неговата блискост со визијата на Франциск за заштита на животната средина, поддршка за сиромашните и мигрантите, како и дозволата за примање света причесна за разведени и повторно цивилно венчани парови, го направиле истакнат меѓу кардиналите.

Превост, роден на 14 септември 1955 година во Чикаго, има диплома по математика, магистратура по теологија и докторат по канонско право од Папскиот колеџ „Свети Тома Акински“ во Рим. Како член на Редот на августинците, тој е ракоположен за свештеник во 1982 година и поминал повеќе години на мисии во Перу, каде што служел и како епископ.

Очекувањата од новиот папа се големи, особено по реформите на Франциск, кој 12 години ја водеше Црквата кон поголема инклузивност. 

Поврзани вести