Skip to main content

Ќе се зајакнува европската одбрана за Украина: Париз домаќин на воени претставници од 30 земји

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска во Париз ќе биде домаќин на началниците на Генералштабот на земјите кои се подготвени да преземат одговорност за Украина и зајакнување на европската безбедност.

Меѓу учесниците има воени претставници од 30 земји од ЕУ и/или НАТО, меѓу кои Велика Британија и Турција. Средбата ќе се одржи во тесна координација со воената команда на НАТО.

По денешниот состанок, во среда, францускиот министер за вооружени сили Себастиен Лекорну ќе ги собере своите колеги од групата Е5 – Франција, Германија, Обединетото Кралство, Италија и Полска, како и претставници на ЕУ и НАТО. На средбата со видео конференција ќе учествува и украинскиот министер за одбрана. Разговорите ќе се однесуваат на помошта за Украина и повторното вооружување на Европа.

Земјите од ЕУ веќе дадоа зелено светло на планот кој има за цел да мобилизира до 800 милијарди евра во текот на четири години за зајакнување на одбраната на континентот и за помош на Украина.

Во петок, Макрон ќе ги собере и француските индустријалци од областа на одбраната, кои беа повикани да го забрзаат темпото од почетокот на руската инвазија на Украина и кои сега мора да се подготват за нови нарачки.

Како што пренесуваат странските агенции, и владата ќе треба да ги убеди француските парламентарци во време на затегнати државни финансии дека Франција ќе треба да издвојува 100 милијарди евра за одбраната годишно наместо 50 милијарди евра.

Поврзани вести