Skip to main content

Јолевски: Потребно е Европа да го извлече западниот Балкан од изолација

Европа мора да се прилагоди на новата реалност во светот, а дел од тоа прилагодување подразбира и проширување на Европската Унија, оценува поранешниот македонски министер за одбрана, амбасадор во САД и преговарач во спорот за името со Грција Зоран Јолевски.
Вториот тест се однесува на способноста на ЕУ да интегрира нови членки. Последните два големи брана на проширување на ЕУ се случија во сосема поинаква меѓународна ера, во која демократијата, човековите права и слободните пазари беа доминантни приоритети. Тогаш целта беше јасна: вкотвување на новите демократии од Централна и Источна Европа во западниот либерален поредок. За разлика од тоа, денешното проширување се одвива во мултиполарен свет кој сè уште се обликува. Во такви услови, интегрирањето на Западен Балкан во Европа претставува стратешка неопходност. Алтернативата – вакуум на моќ во одредени делови од Европа – би имала дестабилизирачко влијание како врз периферијата на континентот, така и врз самата Европска унија. Тоа, исто така, би создало поголеми можности надворешните фактори да го шират своето политичко, економско и стратешко влијание во регионот кој по природа би требало да бидат дел од пошироката европска заедница, пишува Јолевски во својата колумна насловена Извлекување на Западен Балкан од изолација.
Колумната на Јолевски е објавена во Стејткрафт анд Стратеџи, списание на Американскиот Совет за Надворешна Политика. Оваа организација во своите редови вклучува голем број поранешни високи американски дипломатски и безбедносни функционери, меѓу кои и поранешни членови на Владата.
Според Јолевски, Европската Унија мора да инвестира во инфраструктурата на Балканот и во зајакнување на приватниот економски сектор во регионот. Во колумната се потсетува дека Балканот е на стратешки важна локација и низ него минуваат клучни инфраструктурни рути што ги поврзуваат средна и источна Европа со Средоземјето.
Овде постои и поширока стратешка логика. Зголемените европски инвестиции и интеграцијата би го намалиле просторот што надворешните актери би можеле да го искористат за експлоатирање на економските слабости или политичките поделби во регионот. Западен Балкан долго време претставува раскрсница каде што се вкрстуваат интересите на Европа и на надворешните сили. Обезбедувањето економска поврзаност на регионот со европскиот проект и негово политичко вклучување во истиот е од суштинско значење за долгорочната безбедност на континентот. Резултатот би бил поширока Европа, која се одликува со поголема стабилност и кохезија. Тоа исто така би покажало дека проширувањето останува еден од најмоќните стратешки инструменти на Европската Унија. Во време кога меѓународниот поредок станува сè пофрагментиран и поконкурентен, цврстото вклучување на Западен Балкан во европското семејство би му покажало на светот дека ЕУ сè уште има капацитет да го обедини континентот, да се справи со сложените предизвици и да го искористи стратешкиот момент, пишува Јолевски.

Поврзани вести