Skip to main content

И во Романија и Бугарија бојкот на маркетите поради високите цени

Потрошувачите во Романија, по примерот на Хрватска, беа повикани да ги бојкотираат супермаркетите бидејќи се соочуваат со највисока инфлација во Европската Унија, повик што во четвртокот го упати и Бугарија.

Во Романија, растечката екстремна десница повика на бојкот.

„Ваквите поскапувања се неприфатливи“, рече поранешниот претседателски кандидат Калин Џеорџеску во видео на Facebook. Тој неочекувано излезе на врвот во првиот круг од претседателските избори во ноември, кој потоа беше поништен поради сомневањата за руско мешање во кампањата.

Во соседна Бугарија, каде што инфлацијата скокна за 15% во 2022 година, за четврток е планиран бојкот на повик на различни организации.

„Да им покажеме на трговците на 13 февруари дека има гневно граѓанско општество“, им рече на новинарите поранешниот пратеник и поранешен бугарски амбасадор во Хрватска и повика на ограничување на цените на основните прехранбени производи.

Џеорџеску ги повика Романците да ги бојкотираат големите продавници и да се свртат кон локалните и маалските продавници кои продаваат романски производи.

Инфлацијата, за која економистите велат дека е поврзана со високиот долг и бавните реформи во корумпираната земја, се искачи на 5,5% во 2024 година, откако го достигна врвот на 14% во 2022 година. Оваа ситуација го охрабри гласањето за екстремно десничарските партии на неодамнешните парламентарни избори.

Заедно, трите националистички партии собраа една третина од гласовите на парламентарните избори на почетокот на декември.

На повикот за бојкот се приклучи и лидерот на партијата Џеорџе Симион.

„Им се придружувам на Романците на 10 февруари кои велат ‘доста е’ за злоупотребите на големите синџири“, рече тој, осудувајќи ги „огромните профити“ направени од странските компании.

Во моментов нема достапни податоци за да се оцени успехот на иницијативата.

Во Хрватска, бојкотот на крајот на јануари доведе до голем пад на продажбата.

Другите балкански земји го следеа примерот на Хрватска.

Поврзани вести