Skip to main content

Хуманитарната помош почна да пристига во Газа, Израел сo надеж дека Хамас порано ќе ги ослободува заложниците

mohammed-ibrahim-on-unsplash

Десетици камиони со хуманитарна помош денеска почнаа да влегуваат во Појасот Газа, откако во петокот стапи во сила договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас, објави Би-би-си. 

Претставничката на Детскиот фонд на Обединетите нации (УНИЦЕФ), Тес Инграм, за британскиот национален сервис изјави дека пристигнала во градот Газа, каде што илјадници Палестинци се враќаат дома. Инграм рече дека е таму за да ги процени потребите на луѓето и да воспостави патишта за пристап до помошта 

„Помошта доаѓа во Појасот Газа. Предизвикот ќе биде да се осигураме дека можеме да ја зголемиме таа помош и да ја добиеме што е можно побрзо, бидејќи количините што пристигнуваа за време на овој конфликт беа премногу мали“,  рече таа.

Таа додаде дека се надева дека денес „ќе биде првиот ден кога ќе видиме зголемување на помошта“ и дека таа мора да стигне до луѓето низ Газа. 

Според условите на договорот за прекин на огнот, кој беше посредуван од Соединетите Американски Држави, количината на помош што влегува во Газа треба да се зголеми. 

Во меѓувреме, Хамас објави дека ќе започне со ослободување на израелските заложници во понеделник наутро, како што беше планирано, непосредно пред „мировниот самит“ во Египет, на кој ќе се соберат лидери од околу дваесетина земји, предводени од американскиот претседател Доналд Трамп и египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси. 

Во Појасот Газа, кој е опустошен од двегодишна војна, Цивилната заштита, хуманитарна организација водена од Хамас, во саботата соопшти дека повеќе од 500 000 раселени лица се вратиле во северната крајбрежна енклава откако прекинот на огнот стапи на сила во петок. 

Договорот меѓу завојуваните страни се базира на план од 20 точки што го презентираше Трамп кон крајот на септември. 

Според планот, Хамас до 12 часот утре (11 часот според средноевропско време) треба да ги ослободи преостанатите 48 заложници, мртви или живи, заробени за време на нападот врз Израел на 7 октомври 2023 година, што ја предизвика војната во Газа. 

Израел мора за возврат да ослободи 250 „безбедносни затвореници“, вклучувајќи многумина осудени за смртоносни антиизраелски напади, како и 1 700 Палестинци уапсени во Појасот Газа од октомври 2023 година. 

„Според потпишаниот договор, размената на затвореници се очекува да започне во понеделник наутро како што е договорено“,изјави за АФП Осама Хамдан, висок функционер на Хамас. 

Израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, денеска изјави дека Израел е подготвен за „итен“ прием на сите заложници од Газа. 

 „Израел е подготвен веднаш да ги прими сите наши заложници“,рече тој во изјава по состанокот со координаторот за заложници Гал Хирш, пренесе „Гардијан“  

Неговата изјава го отвори прашањето дали ова значи дека Израел очекува ослободување денес, а не утре, како што беше претходно објавено.  

Заменик-министерот за надворешни работи на Израел, Шарен Хаскел, за Скај њуз изјави дека е можно Хамас да почне да ослободува заложници уште вечерва. Засега нема потврда од милитантната организација во врска со ваквите наводи.   

„Мислам дека тие (Хамас) може да почнат да ги ослободуваат (заложниците) вечерва. Значи, порано од очекуваното. Навистина се надеваме. Знаеме дека има огромен притисок врз Хамас, вклучувајќи ги и двете земји како Катар и Турција, кои имаат средства да извршат притисок врз Хамас да ги ослободи. И навистина се надеваме дека ќе ги видиме што е можно побрзо“,рекол Хаскел. 

И покрај договорот, голем број прашања остануваат отворени, вклучувајќи го и идното управување со опустошениот Појас Газа и судбината на Хамас, кој ги отфрла израелските барања за разоружување. 

Извор од Хамас близок до преговарачкиот комитет на палестинската милитантна група за АФП изјавил дека Хамас нема да учествува во повоеното управување со Газа. 

„За Хамас, управувањето со Појасот Газа е затворено прашање. Хамас воопшто нема да учествува во преодната фаза, што значи дека се откажал од контролата врз Појасот, но останува фундаментален дел од палестинското ткиво“,изјавил изворот за АФП. 

Според планот на Трамп, управувањето со Газа би било предадено на привремено преодно тело во форма на „технократски и аполитичен палестински комитет“, кој пак би бил надгледуван и контролиран од меѓународен одбор за мир“, предводен од американскиот претседател.

Поврзани вести