
Холандските лекари во последната година речиси двојно го зголемиле препишувањето лекови за слабеење, покажуваат податоците на Холандската фондација за фармацевтска статистика. Во моментов се проценува дека околу 80.000 лица во Холандија користат лекови на база на семаглутид, односно ГЛП-1 агонисти на рецепторите.
Употребата на лековите се зголемила откако стручните лица ги смениле официјалните медицински правила за лекување на дебелината, во кои овие лекарства за првпат беа официјално вклучени минатата година, пренесува НЛ Тајмс (NL Times)“. Претходно, лековите главно им беа препишувани на пациенти со дијабетес.
Според Лизбет ван Росум, специјалист по интерна медицина и професорка за дебелина на Универзитетот Еразмус во Ротердам, за да остварат право на рефундација, пациентите мора да имаат завршено најмалку една година официјална програма за промена на животниот стил без значителни резултати. И по започнувањето на терапијата, пациентот мора да продолжи со програмата. Критериумите зависат од видот на лекот и не е можно добивање терапија без медицинска консултација.
Пациентите треба да бидат подготвени за долгорочна терапија. Масното ткиво кај дебелите луѓе е хронично благо воспалено. Иако воспалението може да се намали, болеста не исчезнува целосно. Кај мал број пациенти можно е прекинување на терапијата, но во најголем дел од случаите, тоа доведува до повторно зголемување на телесната тежина, вели таа.
Матичниот лекар Бас ван Хувелинг нагласува дека кај многу пациенти терапијата предизвикува силни емоционални реакции.
Луѓето често плачат затоа што конечно губат телесна тежина и забележуваат подобрување на здравствената состојба“, изјави тој, додавајќи дека зголеменото медиумско рекламирање дополнително ја поттикнало побарувачката.

Македонски



