Skip to main content

Германија нема да учествува во нападите врз Иран, Писториус повика на деескалација

Германија нема да се приклучи на американско-израелските воени напади врз Иран, порача денеска министерот за одбрана Борис Писториус, нагласувајќи дека Берлин ќе инсистира на дипломатско решение наместо на воена ескалација.

Говорејќи на општата парламентарна дебата за најновите случувања, Писториус истакна дека исходот од конфликтот останува неизвесен и дека сè уште не може да се процени колку долго ќе трае војната, ниту дали ќе се прошири и надвор од актуелните жаришта.

„Германија не е страна во оваа војна. Германските вооружени сили нема да учествуваат“, изјави тој пред пратениците, додавајќи дека Берлин ќе направи сè што е во негова моќ да придонесе кон деескалација и спречување на понатамошно ширење на насилството.

Писториус посочи дека прашањето дали постапките на САД и Израел се во согласност со меѓународното право е легитимна и важна дебата, нагласувајќи дека стабилен меѓународен поредок може да опстои само доколку државите ги почитуваат правилата.

Во исто време, тој беше остар кон Техеран, оценувајќи дека иранскиот режим со децении го прекршува меѓународното право и спроведува репресија и терор, и дома и на меѓународната сцена.

„Едно е јасно – израелско-американските напади се насочени кон режим кој отворено се заканува со уништување на Израел“, рече Писториус, додавајќи дека станува збор за власт која „со години, всушност со децении, практикува репресија и терор“.

Поврзани вести