
Од 7 мај 2025 година, Германија воведе засилени гранични контроли, што сериозно го нарушува меѓународниот автобуски сообраќај, особено во пресрет на летната сезона.
Министерот за внатрешни работи, Александер Добринд, најави построги мерки како дел од миграциската политика на канцеларот Фридрих Мерц (ЦДУ). Меѓу најзначајните промени е можноста азилантите да бидат веднаш одбиени на самата граница. Ова предизвика бројни критики, особено поради недостигот на координација со соседните земји.
Според податоците на германското Министерство за внатрешни работи, само во првата седмица од примената на новите мерки, федералната полиција одбила влез за 739 лица. Меѓу нив имало и 32 барачи на азил. Еден од инцидентите се случил на 11 мај во градот Трир, кога четворица азиланти биле вратени во Луксембург по контрола на автобус.
Најчесто подложни на проверки се автобусите и помалите товарни возила, бидејќи според полицијата, тие се честа цел на лица кои се обидуваат да влезат во Германија без валидни документи. Иако министерот Добринд нагласува дека одговорноста не е на превозниците, честите контроли предизвикуваат доцнења и непријатности за патниците.
Владата ги оправдува новите мерки со потребата за борба против нелегалната миграција. Но, критичарите предупредуваат дека ваквите потези сериозно го попречуваат нормалното функционирање на патничкиот сообраќај. Последиците веќе ги чувствуваат бројни превозници и патници од регионот, вклучително и од Македонија.
Овие мерки може да имаат пошироки импликации и за граѓаните на Западен Балкан кои патуваат во Германија, особено во текот на летната сезона, кога се очекува засилен патнички метеж.