Skip to main content

Чолаку: Уставниот суд на Романија го поништи првиот круг од претседателските избори, не јас

Романскиот премиер Марсел Чолаку денеска изјави дека поништувањето на првиот круг од претседателските избори е одлука на Уставниот суд, која треба да се спроведе, а не да се коментира.

Немам објаснување да дадам, бидејќи не бев јас тој што ги поништи изборите, одговори Чолаку на новинарско прашање дали добил повеќе објаснувања зошто се поништени изборите, со оглед на тоа што властите се уште јавно не објавиле што довело до ваквата одлука.

Тоа е одлука на ЦЦР што мора да се спроведе, а не да се коментира, рече Чолаку, додавајќи дека не е негов проблем дали Калин Ѓорѓеску и натаму треба да се кандидира за претседател.

На 24 ноември во Романија се одржаа претседателски избори, на кои во првиот круг победи независниот кандидат Калин Ѓорѓеску со 22,94 отсто од гласовите. Сепак, на 6 декември, Уставниот суд ги поништи резултатите од тие избори, наведувајќи ги сериозните нерегуларности потврдени со декласифицираните документи на Врховниот совет за безбедност. Во образложението се наведува дека Ѓорѓеску го прекршил изборниот закон со тоа што пријавил нула трошоци за кампањата додека разузнавачките служби откриле дека бил финансиран со еден милион евра од бизнисменот Богдан Пешкир.

Во меѓувреме, романската владејачка коалиција соопшти дека одлучила да се одржат претседателски избори на 4 мај, а доколку е потребно и втор круг гласање на 18 мај, откако Уставниот суд ги поништи резултатите од претседателските избори одржани во ноември минатата година.