
Долниот Дом на австрискиот Парламент (Националниот совет) на 26 март ќе расправа за бројни прашања, а едно од тие кои ќе се најдат на дневен ред е модернизацијата на договорот за границата со Лихтенштајн.
Според австриските медиуми, документот со кој се регулира границата меѓу овие две земји е стар 60 години и, според новата австриска федерална влада, повеќе не е актуелен.
Како што се посочува, земјите веќе се договориле околу новите гранични документи, а размената ќе опфати околу 239 метри квадратни.
Во фокусот на размената е езерото Егелсе, поточно областа околу него, каде Лихтенштајн и Австрија ќе разменат по 239 метри квадратни.
„Езерото е исушено во 19 век, а од 2013 година постои нов истоимен рибник за заштита од поплави. Границата и натаму поминува по стариот воден пат низ денешната област на Егелс. Со новиот договор, границата ќе се исцрта право. Лихтенштајн ќе добие водени површини, додека Австрија ќе добие појаси северозападно и југозападно од брегот, односно повеќе земјиште“, пишува порталот „Хеуте“.
Велосипедскиот и пешачкиот мост кој сега ја поминува границата од 26 март главно ќе и припаѓа на Австрија. Покрај промената на територијата, промената ќе се однесува и на помал број гранични премини кои од 20 ќе се намалат на три.