
Американската амбасада во Бејрут упати драматичен апел до своите државјани кои во моментов се наоѓаат во Либан, повикувајќи ги итно да ја напуштат земјата додека сè уште се достапни комерцијални летови. Ова предупредување доаѓа во време на нагло влошување на безбедносната состојба во регионот и страв од проширување на воениот конфликт.
Од амбасадата нагласуваат дека капацитетите на авиокомпаниите се ограничени, но дека опции за заминување сè уште постојат. Тие апелираат граѓаните да не чекаат последен момент и да не се потпираат на евентуална воена евакуација, која не е загарантирана.
Ги охрабруваме оние кои сакаат да го напуштат Либан да резервираат каков било билет што им е достапен, дури и ако тој лет не поаѓа веднаш или не ја следи нивната претпочитана рута“, се наведува во официјалното соопштение на амбасадата.
Покрај повикот за заминување, амбасадата упати и препорака до оние кои решиле да останат во земјата да се подготват за најлошото сценарио.
Американските граѓани кои ќе изберат да не го напуштат Либан треба да подготват планови за вонредни состојби и да бидат подготвени да се засолнат на безбедно место подолг временски период“, предупредуваат од дипломатското претставништво.
Тензиите меѓу Израел и Хезболах го достигнаа врвот по серијата напади во пограничните зони, а меѓународната заедница стравува дека Либан може да стане главно боиште на нов голем конфликт на Блискиот Исток. Покрај САД, сличен апел до своите граѓани претходно упатија и Велика Британија, Франција и Германија.

Македонски


