
Комуналците на Општина Карпош почнаа со расчистување на депонијата лоцирана до СЦ „Борис Трајковски“. Карпошани повеќепати укажуваа на постоењето на ова ѓубриште, кое долго време се полни со шут и отпад, но и покрај тоа што и во изминатите години се чистеше, очигледно не се најде начин да се спречи повторување на оваа грда состојба.
Сега од Општина Карпош најавуваат засилен инспекциски надзор на оваа локација, но и поставување рампа за да не можат да влегуваат камиончиња и да истураат шут и друго ѓубре.
Оваа мини депонија веќе некој период несовесно се полни со шут и друг отпад и имаше тенденција да прерасне во сериозен извор на загадување, па оттука Општината интервенираше и спроведува акција за нејзино расчистување, како и поставување на заштитна рампа која би спречила повторно депонирање на отпад. Воедно, Инспекторатот од Општина Карпош будно ќе следи и превенира случаи на несовесно фрлање на отпад и истите ќе ги казнува согласно своите надлежности и законски прописи на целата територија на општина Карпош – велат од локалната администрација.

Македонски





