Сметам дека случајот доби преголема, непотребна и до некаде неправедна јавност и обем. Секое дете во земјава има право на образование и тоа е задолжително. Детето кое и да е и што и да му се случува во животот, во системот на државата треба да си најде место односно државата е должна да му овозможат на детето да поминува низ образовен процес, вели министерката за образовани и наука, Весна Јаневска за проблематичниот ученик поради кој цели одделенија и ученици во двете скопски основни училишта „11 октомври“ и „Лазо Ангеловски“ најавуваат дека ќе бојкотираат настава.
Ваквата одлука на родителите на учениците е донесена поради префрлање на ученик во нивното училиште откако во другото училиште покажал проблематично однесување и бил насилен кон соучениците. Ситуацијата се разгорела откако родителите дознале дека ученикот претходно бил отпишан од другото училиште за инцидент во кој следел девојче во тоалет, по што го нападнал.
Јаневска смета дека е прегласена реакцијата на сите родители, но и училиштата посериозно да ја сфатат работата во однос на децата кои имаат потешкотии во учењето или потешкотии во однесувањето и социјализацијата.
Преземени се одредени мерки. МОН формираше комисија за да го реши проблемот.
Ако стручни лица препорачале детето да ја промени средината, значи треба да ја промени. Училиштето од каде што потекнува детето, на располагање има психолог, педагог и директор и цел систем за да го реши проблемот. Ист таков систем има и училиштето во кое што оди сега детето. Тоа не смее да остане на улица, кажа Јаневска.
Министерката ги повика директорите на училиштата и градоначалниците да дообјаснат тоа што треба. Доколку до следните 2-3 дена нема да се најде решение, МОН повторно ќе се инволвира. Јаневска очекува дека е можно решение и доколку е потребно, ќе се сретне со сите релевантни чинители.