
Актуелниот градоначалник на Кисела Вода и кандидат за градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска беше во посета на Старата Скопска чаршија, каде што имаше средби со граѓани.
Денеска бев во посета на срцето на Скопје – старата скопска чаршија. Место кое е полно историја, традиција и душа. Место каде секој камен раскажува приказна. Заедно со еснафот, министерката Гордана Димитриеска-Кочоска, пратеникот Ѓорѓија Сајкоски и вредните занаетчии кои со генерации го чуваат духот на оваа културна ризница, разговаравме искрено за нивните предизвици, објави Ѓорѓиевски на својата Фејсбук страница.
Тој посочи дека на средбите со граѓаните бил информиран дека со години реагирале писмено до градската администрација, но нивниот глас ретко кога бил слушнат.
Проблемите се многу – раскопаната калдрма, оставена од Водовод по санација на дефекти, не е убава слика пред очите на посетителите. А токму таа калдрма е законски заштитено културно наследство, симбол на автентичноста на чаршијата, истакнува Ѓорѓиевски.

Ѓорѓиевски наведува дека граѓаните бараат реконструкција и обновување на делови од чаршијата со почит кон традицијата, вградување подземни контејнери за почист и поуреден јавен простор и конечно, сериозен однос од градската власт кон ова национално богатство.
Овие барања се праведни и оправдани и за мене ќе бидат приоритет! Чаршијата заслужува грижа. Скопје заслужува и ќе биде повторно достоинствен град – метропола со иднина, привлечна за посетителите, но и топол дом за граѓаните. Град кој зрачи со култура, ред и автентичност. Заедно ќе го направиме тоа возможно, нашиша Ѓорѓиевски на Фејсбук.