
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, сподели хумана порака и активности насочени кон поддршка на најранливите категории граѓани, истакнувајќи дека најголемата вредност што може да се подари е човечкото внимание и грижа.
„Нема поубаво чувство од тоа да знаете дека, токму поради вас, некој денес имал поубав ден од вчера“, напиша Ѓорѓиевски, нагласувајќи дека во време кога потребата за човечка топлина е поголема од било кога, малите гестови имаат големо значење.
Тој информира дека денеска, заедно со отец Оливер од хуманитарната организација Св. Спас од Драчево, биле подготвени повеќе од 200 оброци, кои ќе бидат распределени во пунктовите на народните кујни на Скопска епархија.
Според градоначалникот, иако станува збор за мал гест, пораката е силна – дека човечноста постои и дека добрината не згаснува. Тој потенцира дека не е можно да им се помогне на сите, но дека обврска на секој е да даде максимум за оние на кои поддршката им е најпотребна, со цел никој да не се чувствува осамен.
Ѓорѓиевски посочи дека со отец Оливер соработува уште од самото формирање на хуманитарната организација, оценувајќи го како човек кој секојдневно сведочи дела достојни за почит.
„Зад нас стојат бројни хумани дела, а пред нас уште многу можности да правиме добро“, наведе тој.
Во пораката, градоначалникот упати апел до сите граѓани кои имаат можност и желба да помогнат да се приклучат на ваквите хуманитарни иницијативи, нагласувајќи дека само преку добри дела, без разлика на политичка, верска или етничка припадност, може да се создадат насмевки и да се внесе светлина таму каде што таа недостига.

Македонски




