
Овој мандат не е мандат за мирна совест и тивка функција. Овој мандат е за длабоки, суштински и трајни промени, рече вечерва скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски на 100 дена од неговиот мандат, најавувајќи крупни инфраструктурни проекти што трајно ќе го променат ликот на градот и ќе донесат, како што рече, вистинско унапредување и модернизација на градската инфраструктура.
Ова што го постигнавме досега е само почеток на нашите силни заложби. Ова е темелот врз кој конечно ја градиме иднината на Скопје како модерен, праведен и достоинствен град. Она што го направивме за толку кратко време не е случајност. Тоа е резултат на јасна визија, напорна работа и храброст да се прекине со старите лоши навики, рече Ѓорѓиевски, кој вечерва во Македонската филхармонија даде отчет за сработеното во првите 100 дена од неговиот мандат.
Посочувајќи дека има уште многу работа и многу предизвици и порачувајќи дека нема да се крие зад нив и да бара алиби, Ѓорѓиевски рече дека наследил град во тотален хаос, јавни претпријатија со блокирани сметки, расипани машини, автобуси заклучени во гаражи и долг од речиси 300 милиони евра.
И еве сме. 100 дена потоа. Со расчистен хаос. Со воведен ред. Со институции што повторно функционираат. Со вратено достоинство на јавниот систем и со јасна насока каде оди градот. Сто дена без алиби. Сто дена тешка, но чесна борба. Сто дена во кои покажавме дека Скопје може, дека Скопје знае и дека Скопје ќе оди напред. Ова е само почеток, рече Ѓорѓиевски.

Тој напомена дека за 100 дена намалени се долговите за повеќе од 40 милиони евра преку кратење на непродуктивните трошоци и зголемување на приходите преку воспоставување на финансиска дисциплина и рационално управување со градскиот имот, исплатени се заостанатите плати на вработените во јавните претпријатија, а во тек е и целосна ревизија на работата на градската администрација и нејзина реорганизација.
Локалната самоуправа мора да биде добро организирана за да биде ефикасна и во служба на граѓаните. Затоа, секој чесен, вреден и одговорен работник ќе биде награден и почитуван. Секој кој се огрешил – ќе одговара, а секој кој не ја извршува својата работа, ќе си замине. Како потврда на ова, од работа веќе отстранивме над 600 вработени во јавните градски претпријатија кои со месеци, а некои и со години, не доаѓале на работа, а земале плата. Такви злоупотреби нема да дозволам. Тоа е само почеток на темелната реорганизација на администрацијата и на јавните претпријатија и нормализирање на состојбите во нив, за градот конечно да функционира во еден природен ритам, без застои и колапси. Работите, како што гледате, почнаа да се менуваат, и тоа, од корен, рече Ѓорѓиевски.
Во првите 100 дена од неговиот мандат посочи дека се одблокирани неколку клучни инфраструктурни проекти како што се изградбата на клучката кај Момин Поток, подземната сообраќајница кај Старата железничка станица, проектот за брз автобуски превоз, изградбата на улицата Љубљанска…
Ѓорѓиевски најави изградба на монтажни бараки од кои првите ќе бидат изградени во кругот на Клиничкиот центар, пуштање во употреба на Градскиот воз, кој според Ѓорѓиевски, претставува современа и еколошка алтернатива за движење низ градот, како и нови зелени површини, решавање на пробемот со уличните кучиња, изградба на Луна паркот, а Скопската Зоолошка градина ќе стане водечки центар за едукација, заштита на природата и хуман третман на животните.
За загадувањето на воздухот, Ѓорѓиевски рече дека е проблем којшто не може да се реши преку ноќ, но дека обврска на градот е да делува. Посочи дека во изминатиот период спроведени се инспекциски контроли на индустриските капацитети, а се работи и на решавање на сообраќајот, изградба на зелени коридори и третман на депониите.
Тој порача дека Скопје останува Европска престолнина на културата за 2028 година, нагласувајќи дека процесот бил блокиран и дека по опсежни преговори во Брисел е одблокиран.
Заедно почнуваме нов пат, да го трансформираме нашето сакано Скопје во вистинско светло и да ги славиме уметноста, музиката, културното наследство, литературата и танцот на својот препознатлив начин, преку мултикултурализам. Во годината 2028 Скопје конечно ќе стане јасно присутно на европската и на светската културна мапа, подвлече Ѓорѓиевски.

Ветувајќи дека Градот ќе остане транспарентен и отворен и за медиумите и за граѓаните, Ѓорѓиевски потсети дека годинава бил отворен процесот на планирање на буџетот за 2026 година.
Вашите потреби, ставови и идеи станаа основа врз која го изградивме и го донесовме Буџетот на Град Скопје за 2026 година. Тоа е уште еден доказ за транспарентниот начин на кој ќе работи оваа локална самоуправа и потврда за нашата искрена желба за соработка со сите. Благодарение на чекорите кои ги преземавме за консолидација на Град Скопје веднаш по стапувањето на функција успеавме да ги зголемиме приходите на градот и затоа Буџетот на Град Скопје за 2026 година изнесува 8,8 милијарди денари, што е за 10,8 проценти поголем од Буџетот за 2025 година, додека Основниот Буџет на градот изнесува 5,2 милијарди денари и е за 12 проценти поголем споредбено со тој од 2025 година. Капиталните инвестиции во Основниот Буџет за 2026 година се за 33,4 проценти поголеми споредбено со 2025 година, а рекордно најмногу средства се издвојуваат во областа на образованието, културата, спортот, социјалната заштита, противпожарната заштита и заштитата на животната средина, рече Ѓорѓиевски.

Македонски



