
Непосредно пред почетокот на кампањата за локалните избори, закажани за 19 октомври, разговаравме со Мирослав Лабудовиќ, кандидат за градоначалник на Центар, како и заменик-министер за енергетика, рударство и минерални суровини. Лабудовиќ е кандидат од редовите на ЗНАМ, но поддржан и од ВМРО-ДПМНЕ.
Роден во Дебар Маало, денеска живее во Лондон Маало, вели дека е носталгичен по она мирно Дебар Маало кога бил дете, кога одел кај неговите баба и дедо, кога играле на улица, кога ретко поминува автомобил. Денес, коментира тој, Лондон Маало е дефинитивно помирното маало, каде се слуша детски џагор, се слуша детска среќа.
Најубавиот спомен од Центар му е безгрижното детство, безгрижната игра, моментите на детско созревање, спокојниот мирен живот, чистата околина со воспоставен ред, нешто што нашите деца, за жал, не го доживуваат. Верува дека не е тешко да се врати дел од она што му недостасува на Центар, не може да се санираат нанесените штети, но од постоечкото може да се направат услови каде повторно би се вратиле одредени убави навики на граѓаните од Центар.
-Ако се предадеме никој ништо не може да направи. Но со добра организација, добра намера и добар тим, верувам дека работите може да тргнат на подобро – вели Лабудовиќ.
Му недостасува хигиената во Центар, нешто на кое имаме заборавено. Сериозен пристап кон хигиената, не отпадот околу контејнерите, туку за прашината која не се чисти, улиците кои не се мијат, паркинзите кои никогаш не се исчистени.
Дел од разговорот го објавуваме денеска, оној за животот во Центар. За проектите, идеите, како и за тоа зошто смета дека граѓаните на центар треба да гласаат за Мирослав Лабудовиќ можете да го видите во понеделник, на самиот старт на изборната кампања.