Skip to main content

Заменик-министерот тврди: Неколку сообраќајни полицајци со свештено лице осветувале полициски автомобили

Заменик-министерот за внатрешни работи, Астрит Исени, јавно реагираше по објавените фотографии од осветување на службени полициски возила и објекти во кругот на Министерството за внатрешни работи, оценувајќи дека станува збор за директно кршење на уставниот принцип на секуларна држава и на важечките закони.

Исени посочува дека прскањето со света вода од страна на верско лице врз службени возила и објекти во рамки на паркингот на МВР не може да се смета за приватен верски чин, туку претставува недозволиво мешање на религијата со државните институции.

Според него, настанот бил извршен од неколку припадници на сообраќајна полициска единица, во соработка со верско лице, и не го одразува официјалниот став ниту институционалното постапување на Министерството. Истовремено, Исени оценува дека случајот укажува на ниско ниво на професионална свест кај дел од полициските службеници.

„Уставот на Република Македонија, во член 19, јасно ја утврдува одвоеноста на верските заедници од државата. Законот за полиција бара целосна и безусловна неутралност“, истакнува заменик-министерот.

Тој нагласува дека МВР е државна институција која мора да им служи на сите граѓани еднакво, без разлика на нивната верска припадност, и дека службените простории и средства не смеат да се користат за верски ритуали или активности.

„Полицијата е во служба на сите граѓани и не смее да постапува со двојни стандарди“, вели Исени.

Заменик-министерот најавува дека, согласно внатрешните правилници на МВР, на одговорност ќе бидат повикани сите кои го организирале или дозволиле овој чин, оние кои не го спречиле, како и лицата што овозможиле влез на верско лице во објектите на Министерството за вршење верски активности.

Според Исени, само преку доследна примена на законот и еднаквост пред него може да се врати довербата на граѓаните и вработените во институцијата.

„Почитувањето на верските убедувања е неопходно, но мешањето на религијата со безбедносните институции е неприфатливо и опасно за институционалната неутралност и довербата на граѓаните“, порачува тој, завршувајќи со јасна порака: државата е секуларна, полицијата е на граѓаните, а законот е над секој верски симбол.

Поврзани вести