
На покана на Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС), заменик министерот за јавна администрација, Лазе Јаќимоски, учествуваше на Првомајската конференција под наслов:
„Работничките права во време на промени: Заедно кон праведна транзиција и ефикасна администрација“, со посебен фокус на новиот Закон за административни службеници и потребата од носење нов Закон за вработени во јавниот сектор.
Конференцијата беше модерирана од Претседателот на КСС, Благоја Ралповски, а говорници беа и пратеникот Бојан Стојаноски и проф. д-р Ивана Шумановска-Спасовска од Правниот факултет „Јустинијан Први“.
Во своето обраќање, заменик министерот Јаќимоски ги истакна следниве поенти:
• Подготовката на новата законска рамка за административни службеници, вработени во јавниот сектор и стручно усовршување е во напредна фаза, по завршените јавни консултации преку платформата ЕНЕР и деталната анализа на пристигнатите коментари од сите засегнати страни.
• Министерството има јасна цел: законите да бидат усвоени од Владата до крајот на мај, по што ќе следува нивно доставување до Собранието.
• Според него, јавните дебати потврдија дека постоечката регулатива е застарена и недоволно ефикасна, и дека новата регулатива мора да биде насочена кон зголемување на ефикасноста, транспарентноста и правичноста во јавната администрација.
• Меѓу клучните новини во Законот за административни службеници се: вклучување на Агенцијата за администрација како орган во состав на Министерството, привлекување млади кадри, политика на задржување на кадри, воведување на работа од далечина, скратена постапка за вработување, менторство и наградувачки пристап во оценувањето на вработените.
• Во Законот за вработени во јавниот сектор се предвидува: подобрување на мобилноста, унапредување на управувањето со човечки ресурси, регулирање на привремените вработувања и унифицирање на постапките за вработување.
Јаќимоски истакна дека се работи за целосно нови законски решенија, а не измени на постоечките закони, со јасна цел – изградба на професионална, ефикасна и услужно ориентирана администрација во служба на граѓаните.
Министерството за јавна администрација останува посветено на инклузивен и транспарентен процес на реформи, во тесна соработка со синдикатите, институциите и граѓанскиот сектор.