Skip to main content

Воскреснатиот Исус прво им се јавил на Марија Магдалена и жените кои дошле на празниот гроб, а не на Петар и апостолите

Нема никаква дилема дека суштината на христијанството е во воскреснувањето на Исус. Без тоа, христијанството не постои (иако, всушност се’ почнува со Божик, зар не?). Но, дали христијанството започнува со Марија Магдалена, а не со Исусовите апостоли чие челно место го зазема Петар, карпата врз која Исус ја изградил својата црква? Тоа е прашање кое се чини намерно се поттурнува под тепих, зашто ако евангелијата се вистина, тогаш христијанството навистина започнува со Марија Магдалена, а не со некој од 12-те Исусови апостоли, бидејќи според три од четирите евангелија, Исус најпрво и се појавува токму на Марија.

Така, во Матеј (28, 8-10) се вели дека “Марија Магдалена и другата Марија излегоа брзо од гробот, тие со страв и голема радост отрчаа да им соопштат на учениците Негови“ (дека гробот е празен). “И кога одеа да им јават на Неговите ученици, Исус ги пресретна и рече: „Радувајте се!” А тие се приближија, ги опфатија нозете Негови и Му се поклонија. Тогаш Исус им кажа: „Не бојте се; одете и соопштете им на браќата Мои, да отидат во Галилеја, и таму ќе Ме видат.”

Значи според Матеј, Марија Магдалена и другите жени се први кои го гледаат воскреснатиот Исус и тие од него добиваат задача да ги известат Петар и другите апостоли и да им пренесат да заминат за Галилеја каде ќе се сретнат со Исус.

Во Евангелието по Марко (16, 9-10), се вели дека „Исус, кога воскресна во првиот ден од седмицата, ѝ се јави најнапред на Марија Магдалена, од која беше истерал седум демони. Таа отиде и им јави на оние, што беа со Него и што плачеа и ридаа“.

Практично, истата приказна како кај Матеј, но во скратена верзија. За ите кои сметаат дека Евангелието по Марко е прво напишано, работите би оделе по обратен редослед: прво се јавува кратката верзија на Марко, а дури потоа следи проширената приказна кај Матеј, но суштината е иста.

Во Евангелието по Јован (20, 11-18), Марија Магдалена е прикажана како во неделата наутро стои однадвор од гробот и плаче. Тогаш се симнуваат два ангели од небото и ја прашуваат зошто плаче, а таа им се пожалува: „Го кренале Господа мој и не знам каде Го положиле.”

Значи дотука, Марија се уште мисли дека некој го скрил телото на Исус. Тогаш Исус се појавува, а таа мисли дека е градинарот.

“… Марија се заврти назад и Го виде Исуса како стои; но не знаеше оти е Исус. Исус ѝ рече: „Жено, зошто плачеш? Кого го бараш?” Таа, мислејќи дека е градинарот, Му рече: „Господине, ако си Го зел Ти, кажи ми каде си Го положил, и јас ќе Го земам.”

Исус ѝ рече: „Марија!” Таа се заврти и Му рече: „Равуни” – што значи „Учителе!”
И рече Исус: „Не допирај се до Мене, оти уште не сум се вратил при Мојот Отец; туку отиди при браќата Мои и кажи им: се враќам при Својот Отец и вашиот Отец, при Својот Бог и при вашиот Бог.”
И дојде Марија Магдалена и им кажа на учениците, дека Го видела Господа и дека тоа ѝ рекол.“

Значи ова е трето евангелие во кое воскреснатиот Исус и се јавува најпрво на Марија Магдалена.

Единствена кај Лука приказната е поинаква. Жените, Марија Магдалена и Јоана, и Марија Јаковова и други со нив, доаѓаат на гробот, го наоѓаат празен и им го кажуваат тоа на апостолите. Тие не веруваат, но Петар оди до гробот и ја наоѓа само плаштеницата во која телото на Исус било завиткано, а телото го нема. Малку потоа, Исус им се јавува на двајца од поширокиот круг апостоли од кои едниот се вика Клеопа, води дијалог со нив, потоа дури и јаде со нив се додека тие не сфатат кој е непознатиот кој им се придружил, но тогаш тој е веќе невидлив.

Накратко, тоа се приказните за појавувањето на воскреснатиот Исус. Прво, прашање е кој е во право: Матеј, Марко и Јован или Лука? Не можеме да знаеме, но веројатноста е поголема дека Исус прво и се појавил на Марија Магдалена бидејќи тоа го тврдат дури тројца од евангелистите. Приказната на Лука изгледа помалку веројатна, посебно што Лука не е непосреден сведок, туку пријател на апостолот Павле, кој е неговиот „омилен лекар“ и сознанијата ги примил од апостолот, кој пак, за тоа што се случувало, дознал од апостолите Петар и Јаков при нивната 15-дневна средба во Ерусалим во 35 или 38 година. Нормално е тогаш дека, Петар му ја раскажал верзијата во која Марија Магдалена  е изоставена. 

Ако тоа е така, ако Исус прво и се појавил на жена, тогаш таа жена може да се смета како зачетник на христијанството. Зошто тогаш жените немаат еднаква улога како и мажите во црквата, ако токму со Марија Магдалена христијанството започнува? Зошто Исус и се јавил прво на неа?

Мала забуна внесува Павле во Првото послание до Коринтјаните, глава 15, каде вели дека Исус „најпрво му се појави на Кифа“ односно на Петар, а потоа на другите, не споменувајќи ја воопшто Марија. Но, Павле во животот не се сретнал со Марија Магдалена, а своите сознанија, како што објансив погоре, во голема мера ги црпи од двете средби со Петар: првата во 35 година (или 38 година, зависно дали како датум на распнувањето на Исус се зема 30 или 33 година) во Ерусалим, кога со него и со братот на Исус, Јаков, поминува 15 дена разговарајќи за се што се случило за време на животот на Исус и вториот пат 14 години подоцна кога доаѓа во Ерусалим за да ги провери своите ставови, односно за да провери дали тоа што го проповеда соодветствува со ставовите на другите апостоли.

Така што, може да се претпостави дека сознанието дека Исус прво му се појавил на Петар го добил лично од него, па прашање е со кој степен на веројатност тоа тврдење може да се постави наспроти трите тврдења на Матеј, Марко и Јован и ако се има предвид дека Матеј и Јован, имале можност да бидат непосредни сведоци на случувањата и да бидат присутни тогаш кога Марија Магдалена дотрчала да има каже дека Исус и се појавил, а научниците сметаат дека извор на Марко за неговото Евангелие е самиот Петар, па, сепак, дури и кај него, Марија Магдалена е првиот сведок на воскреснатиот Исус.

Постои и уште еден аргумент во полза на Марија Магдалена. Имено, Католичаката црква уште одамна сфаќајќи ја „опасноста“ од Марија ја сместува меѓу грешниците, а еден од нејзините папи ја прогласува и за проститутка, грев кој Ватикан го призна како грешка дури во 20. век. Тој однос кон Марија Магдалена сам по себе е доказ дека тројцата евангелисти биле во право. 

И последниот аргумент, кој вели дека токму фактот што во евангелијата жените и Марија Магдалена се првите кои го виделе воскреснатиот Исус е доказ дека воскресението навистина се случило, го изнесуваат многу научници и теолози, меѓу нив и Вилијам Крег Лејн кој за ова вели:

„Секако дека овие жени биле пријатели на Исус. Но кога ќе ја разберете улогата на жената во еврејското општество од првиот век, навистина впечатливо е што оваа приказна за празната гробница воопшто прикажува жени, како оние што ја открија празната гробница“. „Жените беа на најниско општествено скалило во Израел во првиот век. Има некои стари рабински изреки кои велат: „Подобро е зборовите да бидат закон отколку да се даваат на жените“ и „Блажен е оној чии се синови, но тешко на оној чии деца се ќерки. Сведоштвата на жените се сметале за толку безвредни што не им било дозволено да се јавуваат како правни сведоци во еврејскиот суд“. „Имајќи го тоа предвид, апсолутно е впечатливо што главните сведоци на празниот гроб биле жени кои биле пријатели на Исус. Фактите дека жените се првите сведоци на празната гробница најдобро се објаснува со реалноста дека – сакале или не – тие беа оние кои ја открија празната гробница! Ова покажува дека писателите на Евангелијата верно го запишале она што се случило, иако било непријатно. Ако сакале да лажат, ќе напишеле дека Петар или Јован ја откриле празната гробница. Но, не, тие ја напишел вистината – дека жените, кои се најниско општествено ниво, ја откриле празната гробница. Ова зборува за историската реалност на оваа традиција, а не за нејзината неточности“.

Поврзани вести