Skip to main content

Во Охрид на Водици свети литургии ќе се вршат во четири храмови, ќе има Литија, а крстот во Езерото ќе го положи владиката Јосиф

По повод престојниот верски празник Богојавление – Водици денеска во Охрид беше одржан првиот координативен состанок, на кој во присуство на градоначалникот Кирил Пецаков беа разледани деталите околу чествувањето на празникот, што секоја година во градот привлекува голем број верници и посетители.

Согласно традицијата, Богојавленските празнувања и оваа година се поделени на два дела и тоа верски односно црковни чествувања, што се одвиваат под ингеренција на Дебарско-кичевската епархија при МПЦ, додека вториот е граѓанскиот дел што го координира Општина Охрид, а се однесува на целокупната празнична програма.

Според планираното, на 19 јануари верските празнувања почнуваат со богослужби во охридските парохиски цркви од 7 часот, со свети литургии во четири храмови од 8:15 часот. Литијата потоа кон Градското пристаниште ќе тргне во 9:45 часот, додека положувањето на Чесниот крст во Охридското Езеро ќе го изврши Митролитот тетовско –гостиварски Јосиф.

Во сите парохиски цркви во Охрид во тек е пријавувањето на оние што сакаат да бидат дел од настанот. Досега учество покрај охриѓани пријавиле и голем број верници од други градови во земјава.

Институтот за социо-културна антропологија на Македонија по деветти пат во Охрид ја одржува Меѓународната научна конференција „Охрид – Водици 2021“.

Како и изминатите така и оваа година точно на пладне на месноста Сараиште ќе се врши групно крштевање во осветените води на Охридското Езеро. И годинава во организација на Црвен Крст ќе се одржи традиционалната крводарителска акција.

Како дел од подготвителните активности, предвидено е задутре охридските нуркачи да извршат чистење на дното од езерото на делот каде верниците ќе влегуваат во вода. Исто така, централното градско подрачје ќе биде украсено со зеленило и верски знамиња, а ќе се спроведат и низа активности поврзани со безбедноста на капачите и посетителите.

Прославата за Водици во Охрид, продолжуваат на 20 јануари со уникатната манифестација Денот на рибарите со која се слави православниот празник посветен на Свети Јован Крстител.

Водици и Богојавленските празници, пред се скокањето по крстот и Денот на рибарите во Охрид се најмасовно посетената верска манифестација во земјата, на која одредени години присуствувале повеќе десетици илјади верници од градот и целата земја, но и гости и туристи од странство.

Поврзани вести