Skip to main content

ВМРО-ДПМНЕ: Божиќ е потсетник дека само преку единство, правда и меѓусебно разбирање можеме да одиме напред

ВМРО-ДПМНЕ упати божиќна честитка до граѓаните, нагласувајќи дека Христовото раѓање е вечен симбол на надежта, светлината и победата на доброто над темнината.

Во пораката се истакнува дека Божиќ нè потсетува на суштинските вредности врз кои се гради силно и стабилно општество – семејството, меѓусебната почит, солидарноста и заемната одговорност. Празникот, како што наведуваат од партијата, повикува на враќање кон човечноста, моралот и духовните вредности што ги обединуваат луѓето.

„Во време на бројни предизвици, пораката на Божиќ е потсетник дека само преку единство, правда и меѓусебно разбирање можеме да одиме напред. Таа нè охрабрува да не се откажуваме, да веруваме во подобро утре и да вложуваме во општество во кое секој човек ќе има достоинствен живот“, се наведува во честитката.

Од ВМРО-ДПМНЕ посакуваат овој светол празник да ги исполни домовите со топлина, мир, хармонија и семејна радост, пренесувајќи ја радосната и вечна порака: „Христос се роди!“

Во духот на празникот, партијата повикува да не се заборави обврската кон оние на кои им е најпотребна помош и поддршка, нагласувајќи ја важноста на грижата, солидарноста и заедништвото – и во радост и во тешки времиња.

„Само со чесен труд, искрена работа, одговорност и цврста вера во Бога можеме да изградиме праведно и просперитетно општество и да го подобриме животот на сите граѓани на Македонија“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Честитката завршува со желба за честит и вечен Божиќ, празник на надежта и спасението, и порака: „Да е вечна Македонија! Христос се роди – Навистина се роди!“

Поврзани вести