
Владата на денешната седница донесе одлука за намалување на акцизите на бензините и дизел-горивото, со цел да се ублажат последиците од растот на цените на нафтените деривати на светските пазари и да се заштити животниот стандард на граѓаните. Според владините пресметки, мерката ќе придонесе за помало поскапување на горивата во однос на цените што би се формирале без интервенцијата.
– Во изминатиот период е евидентен висок просек на котациите на суровата нафта и нафтените деривати на светските пазари. Владата континуирано ја следи состојбата, врши дневни анализи на движењата и останува целосно посветена на преземање навремени и активни мерки со кои ќе се ублажи притисокот врз граѓаните и стопанството – стои во соопштението од Владата.
Со донесената Одлука за намалување на акцизите, како што дополнуваат, се овозможува да се амортизира дел од ценовниот раст.
– Без оваа владина интервенција, согласно пресметките на Владата, малопродажната цена на бензините би се зголемила за околу 4 денари по литар, додека со мерката се очекува зголемување од околу 3 денари по литар. Кај дизел-горивото, без донесената Одлука на Владата цената би се зголемила за околу 8 денари по литар, додека со намалената акциза се очекува покачување од околу 6 денари по литар – додаваат оттаму.
Владата очекува Регулаторната комисија за енергетика, во согласност со своите законски надлежности, да ја донесе одлуката за новите малопродажни цени на горивата, при што ефектите од владината мерка ќе придонесат граѓаните и понатаму да плаќаат пониски цени отколку што би биле без оваа интервенција.
– Приоритет на Владата останува заштитата на стандардот на граѓаните, зачувувањето на економската стабилност и навременото реагирање во услови на нестабилности на меѓународните пазари. И во наредниот период внимателно ќе се следат сите движења на цените и, доколку околностите тоа го наложат, ќе бидат разгледани и дополнителни мерки во интерес на граѓаните и стопанството – нагласуваат од Владата.

Македонски


