Skip to main content

Владата денеска ќе дискутира за предлозите на трговците и ќе разгледа дополнителни мерки

Владата на седница ќе отвори дискусија и ќе разгледа дополнителни можности, по што ќе заземе став за тоа кои и какви мерки ќе се преземат за ограничување на цените на одредени групи производи во малопродажба. 

Согласно договореното до Министерството за економија и труд се пристигнати неколку предлози од страна на трговците, некои од нив се однесуваат на ограничување на маржата, додека други на намалување на цените на основните прехранбени производи. Владата на утрешната седница ќе отвори дискусија, ќе разгледа и дополнителни можности и ќе се заземе став за тоа кои и какви мерки ќе се преземат, информираат од владината прес-служба.

Стопанската комора на трговци на големо и мало претежно со прехранбени и непрехранбени производи, пијалаци и тутун, денеска до Владата, Министерството за економија и труд и Државниот пазарен инспекторат ги доставила предлозите за обезбедување ефективни мерки за намалување на цените на групи производи. 

Како што информираат од Комората, предлозите се подготвени по одржаниот состанок во петокот во Министерството за економија и труд, заедно со министерот, заменик-министерот, претставници од релевантни институции, како и членови на Комората. 

Членот на Комората, Даница Блажевска од Рептил маркети во петокот по средбата во Министерството изјави дека претставниците на трговците и дистрибутерите побарале да има реално намалување на цените на 100 до 200 производи зашто со првичната формула се опфатени над 1.000 производи, заради што, како што рече, не можат да постигнат ефект да се спуштат што повеќе цени и да бидат што подостапни за граѓаните. Порача оти сметаат дека е подобро заедно со производителите и добавувачите да направат реално намалување на цените на 100 до 200 производи, кои се најнеопходни за секојдневното живеење, кое ќе биде видливо за граѓаните.

Од Министерството за економија и труд за МИА посочија дека на состанокот во петокот било договорено конечната одлука да биде донесена до крајот на неделава. 

Кога ќе има одлука, ќе ја информираме јавноста, изјавија за МИА од Министерството.

По зголемувањето на цените на храната и двата граѓански бојкота, минатата недела во вторникот Владата на седница го задолжи Министерството за економија и труд да подготви Предлог-одлука за ограничување на бруто профитната маржа на 10 проценти во трговијата на големо и во трговијата на мало на дел од основните прехранбени производи, средствата за хигиена и бебешката храна.

Со Предлог-одлуката требаше да бидат опфатени основните прехранбени производи на истите 73 групи на производи кои беа во претходните кошници, но и детергентите, бебешката храна и други непрехранбени производи кај кои е забележана многу висока маржа, а се дел од основните потреби на граѓаните.

Ваквата одлука се темелеше на шестмесечниот извештај од Државниот пазарен инспекторат, според кој кај трговците на мало беше утврдено дека има над 20 отсто маржа на основните прехранбени производи и над 30 отсто маржа кај средствата за лична хигиена, додека кај увозниците и дистрибутерите се евидентирани повисоки маржи кои одат дури и до 50 отсто. 

Поврзани вести