
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ вечер ќе одржи седница на Извршниот комитет на која ќе се разговара за напуштањето на Алијанса за Албанците од владината коалиција. Досега, како што инфомираа денеска од партијата, не е разговарано за размена на ресори.
Демантираме дека досега било разговарано за каква било размена на министерства или ресори, или за тоа кој ќе го преземе Министерството за здравство. Тоа не е вистина, изјави Валентин Манасиевски, член на Централениот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
За Арбен Таравари, рече дека „не може некој да смета дека може да биде дел од Владата, а притоа да седи во прегратките на криминалот СДСМ и ДУИ“.
Што се однесува до самиот Таравари, би сакале да го истакнеме следново, а тоа е дека од оние активни учесници во Владата може да се дознае дека господинот Арбен Таравари навистина бил активен учесник на овие состаноци. Но, на тие состаноци, господинот Таравари никогаш не разговарал за Законот за јазици, никогаш не разговарал за законско регулирање на балансерот. Не зборувал ниту некогаш некој го слушнал да зборува за ЕУ интеграциите, дека се блокирани поради наследениот спор со Бугарија, создаден токму од оние во чии прегратки сега оди. Но, знаеме дека се интересирал за концесионерот на паркинзи на Клинички центар Ѓока, затоа што е исфрлен од игра. Живо се интересирал за господинот Артан Груби, за господинот Зоран Заев и за нивните бизниси, и важни прашања за ДУИ, рече Манасиевски, на новинарско прашање по прес-конференцијата во партиското седиште.
Алијанса за Албанците вчера по состанокот во Тетово објави дека излегува од Владата и оди во опозиција.