Skip to main content

Томовски за Кочани: Обезбедивме 30 милиони денари за пациентите и нивните семејства кои се лекуваа во странство

Директорот на Службата за општи и заеднички работи Ивица Томовски на трибина „Кочани е нашиот приоритет“, која се одржи во Владата и која беше посветена на трагедијата во Кочани, говореше за реализираните активности во делот на логистиката, особено во делот на поддршка на семејствата коишто заминаа заедно со повредените кои беа на лекување во странство.

„На тој кобен неделен ден, на кризен координативен состанок Владата ја задолжи Службата за општи и заеднички работи да биде логистика и поддршка на луѓето коишто ќе се лекуваат надвор од Македонија. Тука би сакал да изразам една голема благодарност до Министерството за надворешни работи и Министерството за одбрана коишто ни беа логистичка поддршка на терен, особено во странство и сите амбасадори коишто ни беа таму нашата поддршка и поддршка на пациентите“, изјави Томовски.

Тој изјави дека веднаш е објавен телефонски број, којшто и ден денес е достапен за сите луѓе коишто беа засегнати во оваа несреќа. Томовски информираше дека од резервите на Буџетот на државата се одвоени 30 милиони денари за да се пружи помош при транспортот, сместувањето на придружбата на овие пациенти и дека до овој момент се потрошени 21 милион денари државни пари. 

„Издвоивме почетни 30 милиони денари од резервите на Буџетот на државата за да се пружи помош при транспортот, сместувањето на придружбата на овие пациенти“ и додаде:

„Уште 7 пациенти се на долекување во странство, исто имаат придружба, исто така им се покриваат трошоците за сместување и се надевам дека за брзо ќе ги вратиме назад во нашата држава. Она што би сакал да го потенцирам е дека до овој момент се потрошени некаде околу 21 милион денари државни пари, коишто повторно ќе напоменам, тоа не значи дека тука се завршува. Државата стои на располагање и ќе стои се до оној момент додека не добиеме јасна слика и додека не си ги вратиме пациентите тука назад во Македонија и да ги излекуваме до крај“, информираше директорот Томовски.

Тој се осврна и на соработката со Црвениот крст, и истакна дека Владата се придружила на донаторската сметка на Црвениот крст. 

„Исто така, имавме соработка со Црвениот крст, бидејќи се придруживме на донаторската сметка на Црвениот крст и пруживме помош на пациентите и на луѓето коишто се лекуваат и во странство и во Македонија“, подвлече директорот на СОЗР, Томовски.

Поврзани вести